Нова градинка по 50 години – Се отвараат вратите на „Пролет” во Центар
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска ќе ја отвори новата детска градинка „Пролет“, изградена по најсовремени стандарди, најавуваат од Општината.
Градинката се наоѓа на улицата „Мирче Ацев“ бр. 102 во населбата Пролет, а нејзината изградба започна во 2022 година и е целосно финансирана од буџетот на Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Во живо – Програма на градови” на МРТ информираше дека во четврток, за првпат по 50 години во Општина Центар ќе биде отворена градинка.
– „Добиваме една нова, модерна и урбана градинка, можам слободно да кажам не само најубава на територија на Скопје, туку и на територија на целата држава. 173 дечиња ќе бидат згрижени, во 9 занимални, во 3200 квадратни метри, со одличен двор. Употребени се најквалитетни материјали. Искрено сум пресреќен што успеавме меѓу малкуте општини во еден мандат да се отпочне и заврши една детска градинка што е редок случај во државата, за жал. Обично се отпочнуваат, но изградбите на такви големи капитални проекти траат и повеќе од еден мандат“, рече Герасимовски.