Нова истрага за смртта на Џефри Епштајн: Клучно сведочење во Вашингтон
Поранешната затворска чуварка Това Ноел денеска ќе биде испрашувана во рамки на обновената истрага за смртта на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, јавуваат американските медиуми.

Ноел била на должност во Градскиот поправен центар во Њујорк кога Епштајн починал во 2019 година, а се смета и за последната личност што го видела жив.
Испрашувањето е организирано поради повторното отворање на прашањата околу околностите на неговата смрт, пренесува Еј-би-си њуз.
Претседателот на Надзорниот одбор, Џејмс Комер, изјави дека Ноел е повикана да сведочи бидејќи дел од конгресмените „не се сто проценти уверени дека смртта на Епштајн била самоубиство“.
Според официјалните податоци, Епштајн извршил самоубиство со бесење, но бројни пропусти на затворските службеници поттикнаа теории на заговор околу случајот.
Обвинителите во 2019 година ја обвинија Ноел и уште еден затворски чувар дека фалсификувале евиденција за да изгледа дека ги извршиле задолжителните проверки на затворениците, иако тоа не било направено. Подоцна двајцата постигнале договор со обвинителството и обвиненијата биле отфрлени.
Конгресмените посочиле и дека Ноел примила повеќе готовински уплати меѓу април 2018 и јули 2019 година, во вкупен износ од 12.000 долари. Поголемиот дел од уплатите биле извршени пред апсењето на Епштајн, а последната непосредно пред неговата смрт.
Документи објавени од американското Министерство за правда покажале дека Ноел пребарувала информации за Епштајн на интернет ноќта кога тој починал, вклучително и „најнови информации за Епштајн во затвор“.Во исказ даден под заклетва во 2021 година, Ноел негирала дека му дала дополнителна постелнина на Епштајн, која, според официјалната верзија, можела да биде искористена за изработка на јамката со која си го одзел животот.
Во меѓувреме, париското обвинителство соопшти дека околу десет нови жртви се јавиле во рамки на истрагата поврзана со Џефри Епштајн.
Париската обвинителка Лор Беко изјави дека ниту едно лице што би можело да биде опфатено со истрагата досега не било сослушано.
Француското обвинителство отвори обемна истрага за трговија со луѓе, откако американските власти објавија илјадници документи поврзани со Епштајн.
Целта на истрагата е да се утврди кој му помагал во Франција, вклучително и преку обезбедување жртви.
На обвинителството му се обратиле околу 20 жртви, од кои десет претходно не биле познати за истражителите.
Повеќето од нив биле поврзани со случаите против Жан-Лик Брунел, моден агент обвинет за силување малолетнички, кој изврши самоубиство во притвор во 2022 година, како и против Жерал Мари, поранешен директор на модната агенција „Елит“, кој преку својата адвокатка ги негирал обвинувањата.
Обвинителката изјави дека дел од жртвите се наоѓаат во странство и моментално се сослушуваат.
Таа додаде дека повторно се анализираат компјутерот, телефоните и адресарите на Епштајн, а ќе бидат испратени и барања за меѓународна правна помош.
Во Париз се води истрага и против Даниел Сиад, кој се сомничи дека бил еден од регрутерите во мрежата на Епштајн.






