Нова компанија добила десетици тендери од ЈП „Македонија пат“ вредни 40 милиони денари!
Веднаш по формирањето, битолска компанија почнала да соработува со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, така што двете страни во изминатиот период склучиле десетици договори за јавна набавка.
Станува збор за компанијата „Винер Сервис“ во сопственост на Дејан Героски, која, според податоците од Централниот регистар, е основана лани во август или поточно на 20.8.2024 година, со дејност – поправка и одржување на други превозни средства.
Само 2 месеци подоцна, оваа компанија ги добива и првите тендери од „Македонија пат“. Првично, се работи за 2 помали договори за јавна набавка во висина од по 177 илјади денари, кои се однесуваат за набавка и вградување на хидраулична инсталација за кипер приколки.
Неколку дена подоцна, односно на 25.10.2024 година, „Македонија пат“ и „Винер Сервис“ склучиле договор за набавкa на гуми за товарни моторни возила и специјални градежни машини, во вредност од 18,8 милиони денари.
Веќе во следниот месец (ноември), ЈП „Македонија пат“ спровело тендерска постапка за набавка на материјал за механичка работилница и механизација, кој бил поделен на повеќе дела или т.н. лота.
Во рамки на оваа постапка, јавното претпријатие склучило 7 договори со „Винер Сервис“ на 04.11.2024 година, чија вкупна вредност изнесува 6,2 милиони денари.
Истиот месец (11.11.2024), двете страни склучиле уште 2 договори во рамки на деллива постапка за набавка на акумулатори за сите видови на возила и градежни машини, во вкупна вредност од 4,1 милиони денари.
Кон крајот на ноември, односно на 18.11.2024 година, „Винер Сервис“ склучил уште еден помал договор со „Македонија пат“ за набавка на хидраулични и пнеуматски компоненти, во вредност од 944.000 денари.
Ваквиот тренд продолжил и во декември, кога двете страни, во рамки на деллива постапка за набавка на моторни масла и мазива, склучиле договор во вредност од 2,3 милиони денари.
Еден ден подоцна (11.12.2024 година), „Македонија пат“ склучил и двегодишен договор со „Винер Сервис“ за набавка на ризла за зимско одржување на патишта на територија на битолската подружница, чија вредност изнесува 8,2 милиони денари.
Инаку, овој договор се најде и во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое покажа дека за справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, ЈП „Македонија пат“ и општините склучиле договори во вредност од 3,5 милиони евра, претежно во постапки без конкуренција.
Притоа, јавното претпријатие склучило 1 договор за набавка на индустриска сол и 2 договори за набавка на ризла за зимско одржување на патишта, а еден од овие договори е склучен токму со споменатата „Винер Сервис“.
Проверките што ги извршивме покажаа дека само 2 месеци по формирањето, оваа компанија почнала плодна соработка со „Македонија пат“, така што двете страни последниот договор за потрошен материјал за механичка работилница и механизација го склучиле на 26.12.2024 година во износ од 1,7 милиони денари.
Оттука произлегува дека „Винер Сервис“ и „Македонија пат“ во периодот од октромври до декември лани склучиле 16 договори за јавна набавка во вкупна вредност од околу 40 милиони денари или 66 илјади евра.
До „Винер Сервис“ упативме прашања со што претежно се занимаваа компанијата, со колку вработени и други ресурси располага и колкав обем од нејзината работа се темели на договори за јавна набавка, но не добивме одговор.
Последниот број на неделникот „Фокус“ ги обработуваше тендерите поврзани со зимско одржување на патишта, за што дел од договорите се склучени со новоформирани фирми или со друштва кои претходно имало нула денари годишен обрт.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.