Нова метро линија од 69 километри во Истанбул: Возови без машиновозач и брзина до 120 км/ч

Истанбул од вчера официјално располага со една од најдолгите метро линии во светот, откако во употреба беше пуштена и последната делница од линијата што го поврзува центарот на градот со главниот меѓународен аеродром.

Станува збор за последната делница Халкали – Арнавуткој, долга 22 километри, која свечено ја отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Новата делница е дел од метро линијата Гајретепе – Аеродром Истанбул – Халкали, чија вкупна должина изнесува 69 километри и опфаќа 16 станици. Претходните делници, со вкупна должина од 47 километри, постепено беа пуштани во употреба во изминатите години.

На линијата ќе сообраќаат 25 возови, од кои 15 ќе бидат целосно автоматизирани, односно без машиновозач. Возовите ќе достигнуваат брзина до 120 километри на час, што ја прави оваа линија една од најбрзите во земјата.

Изградбата на метро линијата чинеше околу 1,5 милијарди евра. Според проценките на турската Влада, проектот до 2043 година ќе донесе економски придобивки од околу 935 милиони евра, пред сè преку намалување на трошоците за одржување на патиштата и пониски оперативни трошоци.

Дополнително, се очекува новата линија значително да го намали сообраќајниот метеж во Истанбул и до 2047 година на патниците да им заштеди вкупно 117 милиони часови патување.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close