Нова монографија „80 години Народен театар Битола“

Националната установа Народен театар-Битола, најстариот македонски театар во земјава, е побогат за уште една монографија посветена на историјатот на театарот во овој град.

Како што е познато, во 2004 година беше публикувана стручна монографија „60 години Народен театар Битола“ од Иван Ивановски, а од оваа година, за публиката достапна е и монографијата „80 години Народен театар Битола“ од Иван Додовски.

Новата монографија е богато илустрирано издание што ја бележи историјата на растежот на институционалниот театар на македонски јазик во Битола во периодот од 1944 до 2024 година. Книгата содржи прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи… значајно сведоштво за еден растеж и за достигнување на врвни уметнички вредности што станале неизоставен дел од македонската културна меморија.

Во битолскиот театар досега работеле 135 режисери од кои 77 се македонски режисери, а 58 режисери се од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Романија, САД и од други земји. Деценијата од 1985 до 1994 година може да се нарече златен период на Народниот театар во Битола и како што забележува авторот на монографијата Иван Додовски, во осумте децении постоење, во Битолскиот театар биле поставени вкупно 569 премиери, со вкупно 11.670 изведби, кои ги виделе околу 3,2 милиони гледачи.

Рецензенти на ова монографско издание се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, кој заедно со проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска ја промовираа новата монографија „80 години Народен театар Битола“

Back to top button
Close