Новак загрижен: „Се надевам дека состојбата во Србија ќе се смири, на раб сме на граѓанска војна“

Новак Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Њујорк каде што се подготвува за поход кон својата 25. гренд слем титула во кариерата.Во разговор за српските медиуми, Ѓоковиќ зборуваше и за ситуацијата во Србија:

„Состојбата во земјата генерално е таква што на луѓето најмалку им е до спорт… Се случуваат многу работи, голема е транзицијата и на народот и на државата… Без да навлегувам во политика, бидејќи веќе доволно сум зборувал на таа тема, се надевам дека ќе се смират страстите. Сè многу ескалираше, буквално сме на граница на граѓанска војна. Се надевам дека ситуацијата ќе се смири, но засега нема навестување за тоа,“ рече Ѓоковиќ.

Тој ја спомена темата и во контекст на селидбата на тенискиот турнир од Белград во Атина.

„Сè што можам да кажам е дека ние не сакавме да го селиме турнирот, тоа е сè. За жал, така е, како што е…“

Фалејќи ја Атина и Грција, Ѓоковиќ изрази надеж дека турнирот повторно ќе се врати во Србија:

„Дали ќе се врати турнирот во Србија… Се надевам дека ќе се врати. Од наша страна секогаш постои желба и тенденција. Мојот брат Ѓорѓе, кој го води турнирот, едноставно беше ставен во ситуација турнирот да мора да се пресели. Се надевам дека во наредните години ќе дојде подобро време и дека турнирот ќе се врати, можеби дури и во повисока категорија – никогаш не се знае. Белградската публика го сака тенисот и го следи, Србија во последните дваесет години стана вистинска тениска земја со сите наши успеси.“

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close