„Новата“ ЕУ: Исто пари за помалку музика?

Многу врева се дигна во последниве неколку денови околу можноста за т.н. „придружно“ или асоцијативно членство во ЕУ. Во таа, засега сè уште хипотетичка идеја, има една заводлива логика: членство веднаш, иако инвалидизирано, а реформи потоа. Можеби има и по некој бенефит во смисла на политичка оптика дома или некаква предвидливост на процесот понатаму, но сепак се прашувам дали, кога ќе ги погледнеме деталите на пакетот, тој суштински ни одговара. Ризикот е дека, и покрај убавата „обланда“ на, што би рекле тинејџериве, „шорткат“ кон некакво второкласно членство, ќе ги изгубиме попат вистинските бенефити, но и вистинските причини за зачленување во ЕУ. Нашите велат „колку пари, толку музика“. Во овој случај, се прашувам дали за истите пари ние всушност ќе добиеме далеку помалку музика.

Идејата дека во ЕУ, всушност, треба да има два вида членки не е нова. Таа одвреме-навреме се појавува во кулоарите на Брисел, најчесто како академска идеја од различни анализи и документи кои имаат цел да го одржат проширувањето живо, имајќи го предвид заморот и на ЕУ и на кандидатите. Дополнително, таа има своја интерна логика: земјите основачи на ЕУ често се фрустрирани од однесувањето на „поновите“ членки, кое, како на Евровизија, го сведува консензусот на политички подобно гласање, често во договор со други земји. Пример за тоа се Полска, Бугарија, но и најновиот – Унгарија, со најавената блокада на помошта за Украина. Оттаму, идејата дека не треба баш сите членки да ги имаат баш сите права, односно идејата за два круга (читај: две класи) членки, напати испливува на површина. Идејата за квалификувано мнозинство наместо консензус е различен лек за истата болест – држењето на целата Унија како заложник на интересите на една земја. Оваа идеја сега повторно е актуелна, како обид да се направи квантен скок во проширувањето, поттикнат од итноста за европска перспектива за Украина и земјите од Западен Балкан, но истовремено земајќи ги предвид политичките предизвици во овој процес. Тука се поставуваат неколку прашања и проблеми кои не можеме да ги занемариме кога разговараме за вакво сценарио.

Прво, дали е ова вистинска опција? Реално, засега не. Иако е политички можеби привлечна, оваа можност засега останува хипотетичка – во овој момент единствената официјална политика на Брисел е целосна интеграција, под сегашните преговарачки рамки и услови. Нема никаков официјален документ, заклучок или стратегија што би навестиле дека алтернативата за придружно членство е реална опција. Идејата – прво интеграција, па репрезентација – како обид да се прескокнат неколку чекори, а со тоа и илузијата дека е возможно пакет-интегрирање без реформи на земји како Украина, Србија, Молдавија и Македонија (тука ги исклучувам Албанија и Црна Гора, кои имаат активен процес на преговори по поглавја), засега останува токму тоа – илузија, односно теоретска желба. Имајќи предвид дека ЕУ овие идеи ги разработува со брзина на глечер, нема никаква гаранција дека ова сценарио би станало оперативно до рокот што се споменува – 2027/2028 година. Второ, дали и кога асоцијативното членство би се претворило во вистинска понуда, нам суштински ни одговара? Сакам да посочам неколку ризици.

Прво интеграција, па репрезентација – колку чини второкласното членство?

Еден од главните ризици е дека со овој процес би го изгубиле најсилниот бенефит од зачленувањето во ЕУ, што, всушност, не е самото членство, туку трансформативниот капацитет на процесот на зачленување, на преговорите и на вклучените реформи. Со овој пристап – прво членство, а реформите да ги оставиме за подобри времиња – нашето општество и економија нема да бидат подготвени, а бенефитите за граѓаните може да изостанат. Со други зборови, бадијала да станеме членки ако владеењето на правото, структурните реформи, ефикасноста на администрацијата, економијата и општествените стандарди не ги адресираме. Дополнително, ваквиот пристап ризикува да го минимизира мотивирачкиот капацитет на зачленувањето – имајќи го предвид лежерниот однос на нашите политички елити (би рекол и активен отпор) кон реформите, се плашам дека позицијата на перманентен кандидат може да стане комотна опција за нас – навидум членство, но далеку од вистинско членство, и така во недоглед. Никој не притиска за реформи, и така политички да вегетираме со децении, вечно прокнижени во втората класа: „членки, ама не вистински членки“. Потоа, треба да имаме предвид дека постепената имплементација на стандардите на ЕУ (што е услов дури и за асоцијативното членство) ќе нè натера да спроведуваме политики на кои не влијаеме, под парадигмата „прво интеграција, потоа репрезентација“. Значи, царински стапки, цени, услови – по ЕУ-терк – ама без наше учество во одлуките.

 

Уставни измени и политичка цена: Исто услови, помалку права?

Во интерес на вистината, овој пристап има и извесен политички бенефит, најмногу манифестиран во привидот на иреверзибилноста на постапката – односно дека нашето членство конечно е гарантирано, но со варијабилна динамика и услови. Не сум сигурен: асоцијативното членство по својата природа е имплицитно несигурно и подложно на промени на моделот или на политичките услови, без никакво влијание од страна на „асоцијативните членки“.

 

На крајот, конечната проценка е прашање на политичка цена и политички бенефит. Дури и во т.н. „придружно сценарио“, за нас уставните измени ќе останат услов, како и подоцнежните (можеби одложени) реформи. Значи, не постои сценарио во кое конечното членство е возможно без целата политичка и реформска цена. Ако е тоа така, зошто би прифатиле да ја платиме истата цена за помалку права? Се прашувам дали можеби, сепак, треба да го одбереме оригиналот.(dw)

Петар Арсовски

Back to top button
Close