Новата година нема да ја дочекаме со минималец од 600 евра: Бизнисот, Владата и синдикатите не постигнаа договор
Денеска се одржа седница на Економско-социјалниот совет на која синдикатите, работодавците и Владата не се договорија за зголемување на минималната плата на 600 евра како што беше барањето на Сојузот на синдикати на Македонија.

Страните се договориле дека ќе преговараат и понатаму, но до март кога следува редовното усогласување на минималецот со трошоците за живот, тешко дека ќе се постигне договор за овие 600 евра.
Првиот човек на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов истакна дека поканата која ја добиле за оваа седница на ЕСС, не била да се дискутира за животниот стандард на работниците и на граѓаните.
„Бевме изненадени од таквата покана, веројатно некој сакаше да си честитаме Нова година“, рече тој посочувајќи дека на барање на ССМ во дневниот ред била додадена потребата од растот на минималната плата и анализата која во текот на денот ќе ја споделат со јавноста, како и две други точки – за колективното договарање во јавниот сектор согласно со законите за јавен сектор и јавни административни службеници.
„Тоа што го слушнавме внатре е лицитирање со потребата од зголемување на минималната плата – 600, 700, 800 дури и илјада евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата и да не повикаат нас синдикатите и да ни кажат што ќе се случи. Меѓутоа, предлагаме да го направат тоа најбрзо што може за да не се си ја честитаме Нова година на различен начин“, рече Трендафилов.
Од ССМ порачаа дека доколку власта и работодавачите на ваков начин сакаат да им ја честитаат Новата година на работниците, и честитката на синдикатот ќе биде поинаква, навестувајќи ја можноста за протести, што ќе зависи и од поддршката за нив од страна на работниците.
„Денеска не се постигна договор за зголемување на минималната плата на 600 евра“, изјави по седницата на Економско социјалниот совет што се одржа во Владата, претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, кој рече дека единствено било договорено да се преговара и понатаму за минималната плата.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата останува на ставот дека нема ништо против зголемување на минималната плата, но тоа да е резултат на договор меѓу синдикатите и работодавачите.
„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, истакна премиерот Мицкоски.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека според нивните индикатори, во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март 2026 година кое е утврдено со закон и кое би било помеѓу 1.500 и 2.000 денари.
„Во делот на минималната плата ставот на Министерството е јасен и заснован на податоци. Според анализите и актуелните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во ноември изнесува 0,5 проценти, а на годишно ниво е околу 4 проценти, што укажува на стабилизација на ценовните движења“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека висината на минималната плата се пресметува по транспарентна формула, 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот, со гаранција дека таа не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето-плата, механизам кој е договорен токму во рамки на Економско социјалниот совет и усогласен со европските практики.
Од 1 јануари, во Албанија минималната плата ќе биде 500 евра, во Косово 430 евра, а од јуни и таму ќе изнесува 500 евра, во Србија 550 евра, а во БиХ, минималната плата ќе биде колку просечната овде.






