Новата унгарска влада ја прекина блокадата: ЕУ ослободува 6,6 милијарди евра за воена помош за Украина

Новата унгарска влада, предводена од Петер Маѓар, ја прекина двегодишната блокада на исплатите од Европскиот инструмент за мир (EPF), со што Европската Унија доби можност да ослободи 6,6 милијарди евра наменети за надоместување на трошоците за оружјето испорачано на Украина.

Со години, владата на Виктор Орбан го користеше правото на вето и ја блокираше работата на механизмот преку кој земјите-членки добиваат поврат на дел од средствата потрошени за воена помош за Киев. Поради блокадата, се создадоа заостанати исплати во вредност од над 40 милијарди евра.

Одлуката на Будимпешта се смета за значителен пресврт во унгарската надворешна политика и сигнал за подобрување на односите со Европската Унија и НАТО.

Европскиот инструмент за мир е вонбуџетски фонд преку кој на земјите-членки им се надоместуваат околу 40 проценти од трошоците за оружје и воена опрема испратени во Украина. Со повлекувањето на унгарското вето, веднаш се ослободуваат 6,6 милијарди евра, а се очекуваат и дополнителни исплати во наредниот период.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ги повика европските партнери новоодобрените средства да ги искористат за набавка на системи за противвоздушна одбрана преку механизмите на НАТО.

Покрај деблокирањето на военото финансирање, владата на Маѓар најавила подготвеност да го поддржи и отворањето на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Според извештаите, на ова му претходел напредок во разговорите за правата на унгарското малцинство во западна Украина.

Во меѓувреме, Будимпешта постигна договор и со Европската комисија за деблокирање на 16,4 милијарди евра европски средства, кои беа замрзнати поради загриженоста за владеењето на правото и корупцијата за време на владеењето на Виктор Орбан. Средствата треба да бидат исплатени во следните месеци.

Back to top button
Close