Новата власт се кавга на ситно со Западот, без да го разбере големиот влог

Половина од Американците ја поддржуваат твојата теза дека е добро Америка да се меша во внатрешните работи на Македонија, ми праќа порака од Северна Каролина мојот пријател од детство Дичо Дракулевски. А втората половина? Па, се подразбира од кажаното во вајбер пораката: втората половина не ја подржува оваа политика и смета дека Америка треба да престане да се меша во внатрешните работи на други држави и „да си ја гледа работата“. Всушност, се работи за продолжение на една стара дебата меѓу две филозофии кои ја карактеризираат американската надворешна политика низ историјата: филозофијата на изолационизмот и филозофијата на интервенционизмот. Во денешно време, оваа поделба е олицетворена во ривалитетот помеѓу Бајден и Трамп.

Бајден е за мултилатерализам, за јакнење на НАТО, за поддршка на ЕУ и трансатлантската зона на демократски држави, за интервенција во други држави во поддршка на демократијата. Трамп, познатиот претприемач со недвижнини, е за чисти сметки во свет во кој нема „бесплатен ручек“ и секоја држава примарно си ја гледа својата работа. Американското гласачко тело е поделено по овие прашања на половина, со блага предност во корист на Трамп, како последица на американската интервенција во Украина.

Победата на политиката на Трамп може да произведе егзистенционални проблеми за нашата држава која, надвор од процесот на евроинтеграцијата може да остане како риба на суво. Зборувам за последиците од повлекувањето на американската моќ од нашиот регион и за вистински суверенитет на малите скарани балкански држави кои би одлучувале за прашања врзани за војна и мир. Замислете ги само последиците од повлекувањето на американската база „Бондстил“ на Косово и препуштањето на српско-албанскиот проблем на Белград и Приштина или на Брисел кој би требало допрва да изгради една нова европска безбедносна структура. НАТО и Америка од 1991 наваму, се решение за вечната „безбедносна дилема“меѓу државите која толку често завршувала во војни : што ми подготвува соседот и нели е подобро превентивно да се вооружам. Која е замената за американското влијание доколку Трамп одлучи да го напушти или да го ослаби НАТО, со образложение дека ЕУ треба да се грижи за безбедноста на континентот, а Македонија за сопствената. Зарем некои има илузии дека бргу ќе се усогласат толку политички волји на европските нации во домени како безбедноста и надворешната политика. И каде ќе биде нашата држава во тој процес? Одново по ходниците? Имаат ли новите власти претстава како ќе се носат со одговорностите на една држава со реален суверенитет? Или само се кавгаат на ситно, без да разберат кој е големиот влог: опстанокот на државата.

Во овој контекст, неколку размислувања за актуелната кавга помеѓу новата власт и „мешањето“ на амбасадорите во судскиот систем. Новата власат ја сака финансиската поддршка од ЕУ и безбедносниот чадор на Америка но без мешање во нашите внатрешни работи. Во лице им кажа на Американците дека не го сака нивниот „француски предлог“ или фактот дека стојат зад договорот со Бугарија. Таквата политика, која одбива да ги земе предвид геополитичките интереси на големата сила и е во корист на едно комотно владеење на новата гарнитура, ја има поддршката на јавноста согласно едно универзално правило: што поголем отпорот кон надворешниот притисок тоа посилен аплаузот дома. Како што можеше и да се очекува, таквата политика на отпор кон надвор на партијата на македонските националисти произведе масовна поддршка кај Македонците и победа на изборите. Но, таквата политика е за домашна употреба, за избори. Ако продолжат да ја применуваат и во надворешна политика, новите власти ќе се судрат со интересите на големите центри на моќ и може да се соочат со истите реакции, па и последици, со кои се соочи нивниот претходен водач Груевски.

Пред некоја година еден либерално настроен унгарски новинар ми вели дека се срами од политиката на Виктор Орбан кој ги искористи сите можности, со европски пари и под американскиот безбедносен чадор, на подобро да го промени ликот на својата држава, но не им дозволува тие да му се меша во внатрешните работи: да го стави судството под своја контрола и да ја ограничи слободата на медиумите, на пример.Тоа што, подолго време му успева на Орбан не треба да биде рецепт за Мицковски дури ни за една милијарда. „Македонската формула“ е многу, многу посложена.

Денко Малески

 

Back to top button
Close