Нови 30 случаи на голема кашлица во изминатата недела, хоспитализирани четири од нив
Нови 30 случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, во периодот од 24 до 30 мај, што е намалување од 11,8 отсто во споредба со минатата седмица.
Најголем дел од новозаразените, или вкупно 21, се во Скопје, четири се во Тетово, три се во Куманово, а по еден случај е пријавен во Прилеп и во Кратово. Новозаболените се на возраст од еден месец до 77 години, а најголем дел се под една година.
Од новите 30 случаи, како што информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), четири се хоспитализирани.
Во однос на вакциналниот статус на заболените, седум лица се комплетно вакцинирани, две се вакцинирани согласно возраста и 21 лице се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус.
Според ИЈЗ, заклучно со 30 мај, во земјава се регистрирани вкупно 661 нов случај на голема кашлица со инциденца од 36,0/100 000 жители што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
Во однос на полот на заболените, извештајот на ИЈЗ покажува дека 311 лица се од машки пол, а 350 од женски.
Извештајот на ИЈЗ покажува дека досега од заболените хоспитализирани биле 94 лица од кои 79 биле на возраст до четири години.