Нови 90 корпи за отпадоци низ Карпош

– Во согласност со планираните активности на Секторот за екологија и енергетска ефикасност, продолжува акцијата на Општина Карпош за континуирано поставување на нови корпи за отпадоци на своја територија.

Од Општината информираат дека од денеска, во делот на новата спортско – рекреативната зона во Карпош 3 (која е во завршна фаза), беа монтирани седум корпи за отпадоци и седум клупи за седење, а потоа локалната самоуправа етапно ќе ги постави и останатите 83 корпи за одлагање на ситен отпад во повеќе населби низ општината.

По претходна консултација со комуналните редари од Карпош, велат од општината, корпите ќе бидат поставени на местата кои се мапирани како најкритични, односно, таму каде што најмногу е евидентирано фрлање на отпадоци. Иницијативата за дополнително поставување на корпи за отпадоци почна минатата есен кога општината особено се фокусираше на подигнување на нивото на јавната хигиена.

– Секако, ова е само сегмент од стратегијата на локалната самоуправа за унапредување на животната средина и околината. Во таа насока, секојдневно се чистат коловози со новите цистерни за миење на улици, а јавните површини и плоштади се одржуваат со посебни машини за таа намена (WAP апарати кои работат под воден притисок), соопштуваат од прес-службата на Општина Карпош.

Апелираат до сите граѓани правилно да го одлагаат отпадот, бидејќи само заедно може да придонесеме за поздрава еколошка средина.

Back to top button
Close