Нови дефекти причина повторно речиси цело Тетово да нема вода

Водоснабдувањето во речиси цело Тетово и понатаму е во прекин, со оглед дека повторно има проблем на улицата „Цветан Димов“, како и нов дефект кој се јавил на цевка во паркот кај Шарената џамија. За пукнатата цевка Ф300 на улица „Цветан Димов“ од вчера, беа потребни над 12 часа да се смени со нов вид на материјал.

-Додека го наполнивме системот по протокол да ја видиме состојба со вода, почна истекување кај спојката на новата цевка. 90 отсто е саниран, уште 10 отсто од дефектот останува да се среди па за да може да пуштиме вода за пиење за половина од градот. Потоа ќе почнеме да го санираме дефектот кај Шарена џамија, изјави Љуљзим Шаќири, раководителот на водотехничката лабораторија, работна единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.

Во текот на вчерашниот ден потребни биле повеќе интервенции на цевката на улица „Цветан Димов“.

-Првично мислевме дека има нанос во самата цевка, но имаше повторно напукнување. Со намалување на притисокот на водата се појави и втор проблем во паркот Шарена џамија. Се работи за ист довод, иста цевка од салонит со ист квалитет и иста големина. Таа претставува проблем за одржување затоа што е салонитна и подложна на дефекти. Пред две години имаше ист проблем на улицата „Цветан Димов“, а наназад неколку години во дворот на Медицинското училиште, објаснува Шаќири.

Тој потенцира дека 12 часа биле потребни и поради состојбите на теренот, односно подземната инфраструктура, како и неповолните временски услови.

-Имаме и четири други цевки, електрични кабли и подземна инфраструтура која не е ни позната. Беше направен голем отвор за да се отстрани салонитната цевка од 4,5 метри, па требаше да се копа повеќе од 6 метри со ширина од 4 метри за да бидат безбедни работниците, за тоа треба време додека се створат услови за поставување на нова цевка. Се потрудивме да работиме максимално со оглед дека врне постојано, не може секогаш со механизација, па треба и рачно да се работи, потенцира Шаќири.

Тетовскиот водовод веќе бележи 90 години од поставување на првите водоводни цевки и голем дел од мрежата е со салонитни цевки. 

-Тоа се дотраени цевки, не е целосно обележан системот, не се ни знаат одредни места каде нема записи за подземната инфраструлктура. Ангажман за решавање на таквите проблеми кај нас е 24/7 без престан.  Граѓаните да имаат разбирање за ситуацијата, рече раководителот.

Водоснабдувањето пред проблемите имаше капацитет од 430 литри вода во секунда. 

 

Back to top button
Close