Нови демонстрации во Србија, Парламентот го опколи жандармеријата (видео)

Илјадници луѓе се собраа во Белград и вечерва, четврти ден по ред пред српскиот Парламент на протести и покрај одлуката на Кризниот штаб да забрани собирање на повеќе од 10 лица, јавиа белградски  медиуми.

Протести има во Белград, Нови Сад, Ваљево, Ниш, Чачак, Зрењанин, Лесковац, Пирот и Врање, поради незадоволство од сегашната политичка и епидемиолошка состојба во државата. Неколку илјади луѓе се собраа пред Националното собрание во Белград. Група демонстранти ја пробија оградата пред Парламентот, но полицијата успеа да ги отстрани и да го опколи Собранието.

Демонстрантите скандираат „Оставки“ и “Србија, Србија“ и упатуваат погрдини зборови кон претседателот на државата Александар Вучиќ.

Протестот пред српскиот Парламент моментно е мирен по обидот на сотина агресивни демонстранти да влезат во зградата на Собранието. Кордони на полицијата и жандармеријата се распоредени на приодот во зградата на Собранието и на влезот.

Полицијата вечерва уапси лице за кое се сомнева дека за време на протестите пред Собранието повредило со нож 39-годишен маж.

Претседателот на Народната партија и еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС) Вук Јеремиќ изјави вечерва дека СзС нема да ги „преземе“ граѓанските протести кои се одржуваат низ земјата.

Тој за телевизијата Н1 истакна дека на вечерашниот собир пред зградата на српскиот Парламент во Белград дошол како граѓанин поради „арогантниот настап на Александар Вучиќ“.

– Сите кои сакаат промена на системот треба да ги надминат разликите и како граѓани да се придружат на протестот, а доколку собирот продолжи, ќе донесе и политички резултат, нагласи Јеремиќ.

Тој оцени дека актуелната власт „единствено нема одговор на мирни протести“, повикувајќи ги граѓаните мирно да протестираат.

Шефот на државата Александар Вучиќ изјави дека неговите политички противници ги организирале насилните протести во изминатите денови, додавајќи дека доколку продолжат ќе биде тешко да се спречи ширењето на новиот коронавирус во земјата. Се очекува негово обраќање на интернет по повод протестите, јавија белградски медиуми

Back to top button
Close