Нови правила за државна помош од 1 јануари: Поддршка само за инвестиции над 100.000 евра во преработувачката индустрија

Од 1 јануари 2026 година, стапуваат на сила новите правила за доделување државна помош, со кои значително се менува рамката за финансиска поддршка на инвестициите. Како што соопштија од Министерството за економија и труд, целта е да се поттикнат поквалитетни инвестиции, да се отворат одржливи работни места и да се зголеми продуктивноста во економијата.

Според новите измени, кои беа усвоени во август, а ќе се финализираат до крајот на годината, се воведуваат два клучни критериуми:

Право на финансиска поддршка ќе имаат компании кои реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра.

Инвестицијата мора да биде во рамките на преработувачката индустрија.

Кој нема да добие поддршка?

Со новите законски решенија, прецизно се исклучуваат повеќе сектори кои досега можеби користеле поддршка. Финансиска помош повеќе нема да се доделува на субјекти со дејност во:

Примарното земјоделство, шумарството и рибарството.

Градежни активности поврзани со изградба и продажба на станови и деловни згради.

„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, велат од Министерството за економија и труд.

Од таму очекуваат дека овие измени ќе придонесат кон забрзан економски раст, повисок животен стандард, повисоки плати и пониска инфлација.

Министерството за економија ја презема целата контрола

Новина е што Министерството за економија и труд ќе има водечка улога во целата постапка – од евалуација и потпишување на договорите, до следење на нивната реализација. Според нив, на овој начин се обезбедува континуитет, контрола и отчетност во користењето на јавните средства.

„Министерството останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима, во која секој инвеститор – домашен или странски – ќе има сигурност дека државата стои зад него“, се вели во соопштението.

Back to top button
Close