Новини во образованието за компетитивност на пазарот на труд

Со два законски предлога кои вчера ги утврдила Владата, се очекува унапредување на системот на средното образование. Се воведува стручна матура и влезен академски испит.

Законски новини за средните училишта за подобар квалитет на образованието

 

Незадоволителните резулти од ПИСА тестирањето и повеќегодишните дебати за реформирање на државната матура, резултираа со нов предлог на закон за средно образование и нов предлог на закон за стручно образование и обука, кои Владата ги утврдила на вчерашната седница. Според предлагачот – Министерството за образование (МОН), целта е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.

МОН смета дека учениците во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со коишто ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

 

Државна, меѓународна, стручна, завршен испит…

Алармот за нужност од реформи одамна беше вклучен, а дебатите околу утврдувањето на квалитетот на стекатите знаења на учениците најчесто се водеше на темата – државна матура или приемен испит на факултет?

И едното и другото стојат во предлогот на МОН. Владата соопшти дека посебна новина која се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

Според предлогот, по завршувањето на последната година на гимназиското образование, учениците полагаат државна или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура, а учениците во стручното образование со четиригодишно траење, полагаат стручна матура. Учениците во стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит, а ученивите во средното уметничко образование полагаат уметничка матура. Концепцијата за испити на крајот на средното образование, ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

Во предлогот се посочува кои ученици ќе полагаат приемен испит за упис на факултет, односно „влезен академски испит”. Овој испит ќе го полагаат учениците кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

 

Неславни резултати

Дали овој предлог нуди лек за болките на образованието? Македонските средношколци се на 61. место според резултатите по математика, на 68. место по природни науки и на 71. место по јазична писменост од вкупно 81 држава. Ова го покажа последниот извештај на ПИСА (Programme for International Student Assessment) – програмата за меѓународни тестирања на учениците организирана од Организацијата за економска соработка и развој (OЕЦД). Извештајот на ПИСА од крајот на 2023 година, ги покажува резултатите од меѓународното тестирање спроведено во 2022 година, во кое учествувале речиси 700.000 ученици на 15-годишна возраст од 81 земји членки на ОЕЦД.

Според МОН, споредено со тестирањето во 2018 година, разликата во резултатите за нашата земја била минимална, односно е задржано нивото измерено пред пет години. Резултатите покажале и генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учесниците од речиси сите држави, што се должи на негативните последици од пандемијата со Ковид-19 врз квалитетот на образованието во глобални размери.

„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики“, соопшти тогаш МОН.

Создавање ресуси за потребите на пазарот

Досега имаше и многу укажувања и дека образованието треба да се осовремени и да се адаптира согласно со новите технолошки трендови, потребите и барањата на пазарот на труд. Во овој контекст, Владата утврдила и текст на нов предлог на закон за стручно образование и обука.

Законот за стручно образование и обука кој денес се применува е донесен пред 18 години (во 2006 година). Според МОН, реформата на стручното образование и обука е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и со потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресуси за потребите на пазарот на трудот. Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука бил во согласност и со Стратегијата за образование 2018-2025 година, којашто како приоритети ги поставува усогласувањето на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот; подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука; зголемување на опфатот во стручното образование и обука, и подобрување на капацитетите на човечките ресурси.

 

Права и обврски на учениците

Како што соопшти владината прес- служба, во новиот предлог на закон за средно образование новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество“. Според предвиденото, секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, во Сојуз на средношколци на национално ниво, или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.(dw)

Back to top button
Close