НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ПИОМ ПОВРЗАН СО СТАР СКАНДАЛ Бил консултант во непостоечка фирма која зела грант од Фондот за иновации, обвини Левица
Поранешниот член на СДСМ, сега успешно интегриран во ЗНАМ – Никола Мемов, именуван за нов директор на Фондот за ПИОМ, директно е вклучен и во скандалот којшто ја брануваше јавноста пред неколку години, а се однесува на добиен грант од неколку стотици илјади евра од Фондот за иновации (ФИТР) на непостоечка фирма во која наводно тој бил ангажиран како консултант, обвини Левица.
Според партијата, Мемов е познат во јавноста како долгогодишен активен член на СДСМ и близок човек на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, како и на тогашното раководство на СДСМ.
„Во времето на Владата на Зоран Заев, преку Фондот за иновации се доделија средства за околу 80 проекти, за кои ВМРО-ДПМНЕ како опозиција обвинуваше дека се доделени на фирми блиски до СДСМ и до нивниот коалиционен партнер ДУИ, меѓу кои и одредена фирма, во која токму Никола Мемов бил ангажиран како консултант. Токму ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, јавно реагираше Јавното обвинителство да истражи за каков проект ги добил средствата и дали Мемов го искористил познанството со раководството на СДСМ за да влијае за добивање на грантот. Партијата на Мицкоски, сега од позиција на власт, наместо институционално спроведување на истрага за евентуална злоупотреба од страна на Мемов, истиот го наградува со тоа што го назначува да раководи со еден од клучните и најголем фонд во државата ПИОМ“ – велат од Левица.
Оттаму додаваат дека повеќе од очигледно е дека „новите лица во политиката“, коишто ги промовираше лидерот на ЗНАМ – Максим Димитриевски, не само што не се нови, туку се и со огромен политички багаж.
„Прешалтувањето од партија во партија им обезбедува неказнивост и партиципација во делењето на државниот колач, коешто го раководи ДПМНЕ и со тоа сегашната власт успева во своите редови да ги акумулира политичките отпадоци од владите на Заев, Груевски, Црвенковски и Георгиевски. Ова е само уште еден од примерите на ШирокаКоалиција во која ВМРО-ДПМНЕ, преку ЗНАМ успешно ги акумулира истрошените кадри на СДСМ. Сето ова го заокружуваат деструктивните антидржавнички политики кои беа втемелени од Владата на Заев, по што преку одредени законски решенија, неказнивост и наградување со функции, денес сведочиме како ВМРО-ДПМНЕ, она што го карактеризираше како национално предавство, од позиција на власт го реализира во целост“, се нагласува во соопштението од Левица.