Новиот градоначалник на Струга ќе го продава службеното „Ауди“ кое го купи Мерко

Новоизбраниот градоначалник на Струга, Менди Ќура, вчера го прими уверението за мандатот, по што имаше примопредавање на функцијата од досегашниот градоначалник Рамиз Мерко.

Тој на прес-конференција најнапред се заблагодари за поддршката и вети дека ќе биде градоначалник за сите граѓани на Струга, без разлика дали го дале својот глас за него и оти веднаш ќе почне со реализација на ветеното и повтори дека „почнуваат промените“ во општина Струга.

Ќура информира дека веднаш потпишал предлог-одлука за продажба на службениот автомобил „Ауди“ кој го купи неговиот претходник и дека својот приватен автомобил ќе го користи за службени потреби.

„Денеска почнуваме од зборови на дела. Промените почнуват, мојот изборен и среќен број, 133, стои и на таблиците на мојот автомобил, кој од денеска ќе ѝ служи на Општина Струга во наредните 4 години. Исто така, донесовме важна одлука – за сите вработени кои не одат на работа со денови, месеци и со години, а некои од нив работат во странство, од денеска почнува процес на раскинување на решенијата за вработување“, рече Ќура.

Ќура настапи како независен кандидат на изборите, иако во вториот круг доби поддршка од владеачката коалиција ВЛЕН.

Back to top button
Close