Новиот мандатар за Влада на Косово Гљаук Коњуфца е една од клучните личности на Самоопределување

Движењето Самоопределување денеска го предложи поранешниот претседател на Собранието на Косово и прв потпретседател на партијата, Гљаук Коњуфца, како втор мандатар за формирање на Влада на Косово.
Одлуката за кандидатурата на Коњуфца за мандатар е донесена на седница на Главниот одбор на Самоопределување, откако претседателот на движењето, Албин Курти, во неделата не успеа да обезбеди доволен број гласови за да стане премиер.
Утре, на 5 ноември, истекува рокот од 10 дена во кој претседателката на Косово, Вјоса Османи, мора да именува втор кандидат за премиер или да распише вонредни избори.
Коњуфца, прифаќајќи ја кандидатурата за мандатар, изјави дека го прифаќа тој предлог со цел да се избегнат два последователни изборни циклуси и да се усвои буџетот за 2026 година.
– Морам да ја прифатам оваа номинација на Главниот одбор. Тоа го правам од обврска која нè претвора во слуги на јавниот интерес. Самоопределување го дефинираше овој интерес на два столба во сегашните околности. Прво, избегнување на нови избори во рок од три месеци, и второ, усвојување на буџетот за 2026 година, без кој би биле загрозени витални аспекти од животот на нашите граѓани, рече тој.
Коњуфца потсети дека е неопходно да се обезбеди исплата на 80.000 плати во јавниот сектор, пензии и детски додатоци.
– Би било непростливо поради каприц на политичките партии да ја изгубиме можноста за добивање стотици милиони евра бенефиции, само за да се фалиме дека одиме на избори. Уште два процеси нè чекаат – РТК остана без плати, а исто така не постои никаков дополнителен рок за буџетот на три општини, рече тој.
Коњуфца рече дека сега е на политичките партии да одлучат дали ќе избегнат вонредни избори.
– Сите сме под лупата на народот, но ми се чини дека мечот на пресудата овој пат ќе биде поостар од порано, рече тој.
Коњуфца е член на Самоопределување од формирањето на движењето и е еден од најблиските соработници на лидерот на партијата Албин Курти. За пратеник првпат беше избран во 2010 година, а потоа од 2011 до 2014 година ја извршуваше функцијата потпретседател на Собранието на Косово. Во неколку состави на парламентот беше шеф на пратеничката група на Самоопределување и член на неколку парламентарни комисии.
По изборите во 2019 година, Коњуфца беше избран за претседател на Собранието на Косово, додека во првиот мандат на Владата на Албин Курти беше министер за надворешни работи и дијаспора.
По вонредните избори во 2021 година, до крајот на мандатот на осмиот состав на косовскиот парламент ја извршуваше функцијата претседател на Собранието на Косово, а од средината на март до почетокот на април 2021 година беше и вршител на должност претседател на Косово.
За време на извршувањето на сите функции, Коњуфца покажуваше подготвеност за соработка со сите политички субјекти, поради што ужива почит кај повеќето политички партии на Косово, така што и меѓу пратениците на опозициските партии беше споменуван како прифатлив кандидат за претседател на Собранието на Косово.






