Новиот пристап на Софија кон Скопје со поддршка од 31 отсто

Иако бугарското општество бележеше висока поддршка дури и до 80 отсто за ветото кон Северна Македонија, првото поголемо истражување на јавното мислење по формирањето на новата бугарска влада, открива дека има поместување во ставовите околу новиот пристап во односите меѓу двете земји. 

Најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите на Бугарија со Северна Македонија го подржуваат 31 отсто од испитаниците, 49 отсто го поддржуваат претходниот поцврст став, a 20 oтсто не можеле да проценат. Ова се резултатите од одговорите на прашањето: Која од двете позиции ја поддржувате – објавениот нов, подијалошки и флексибилен пристап на Бугарија кон Северна Македонија, или претходната потврда позиција? Истражување го спровела „Алфа Рисрч“ од 6-ти до 14-ти февруари на 1.060 полнолетни бугарски граѓани од целата земја, преку директно, стандардизирано интервју.

Според анализата, со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите други партии во владејачката коалиција, вклучително и подржувачите на „Продолжуваме со промената“, го претпочитале досегашниот (стариот) пристап. Но, според истражувачите од „Алфа рисрч“, тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, туку ја потврдува максимата – не е доволно да кажеш, важно е да убедиш.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера се обидел да ги убеди соговорниците во Брисел дека новиот пристап во разговорите меѓу двете земји дава резултати. Тој го запознал еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со конкретните резултати постигнати за само неколку дена, благодарение на новиот дијалог меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Притоа Петков истакнал дека клучни се резултатите, а не роковите, и изразил надеж дека подобрувањето на секторската соработка ќе придонесе за заемно прифатливи решенија за политичките прашања. Темата вчера била дискутирана на уште една средба. На маргините од шестата средба на врвот меѓу ЕУ и Африканската унија во Брисел, Петков разговарал со францускиот претседател, Емануел Макрон. Покрај дискусија за актуелната ситуација меѓу Русија и Украина, „друг акцент во разговорот меѓу бугарскиот премиер и францускиот претседател била европската перспектива на Република Северна Македонија и Албанија“, кусо се наведува во соопштението на бугарската влада, но без други детали.

За оваат тема не е исклучено македонските претставници да имаат средби со нивните бугарски колеги на маргините на 58-та Минхенска безбедносна конференција која почнува денеска, а во која ќе учествуваат и македонскиот претседател Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, заменик-претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Годинава темата е посветена на „Меѓународната соработка во време на растечки кризи“, но ќе бидат организрани и други дебати. Премиерот Ковачевски, кој во Минхен ќе оствари повеќе билатерални средби, утре ќе има обраќање на дебатата за перспективите на ЕУ-Западен Балкан во организација на Регионалниот Совет за соработка.

Без притисок со рокови

Три дена по Минхенската конференција, веќе на 23-ти февруари во Скопје ќе се одржи следниот состанок на експертско ниво со Бугарија, според договрената динамика – секоја седмица да се одржува средба на некоја од работните групи на двете земји. Според шефот на дипломатијата, Бујар Османи, таквиот пристап води кон подоминантни разговори за иднината, отколку за историјата.

„Имаме пристап што е малку поразличен од претходните. Сега имаме работни групи, од кои четири се секторски, една е Историската комисија. Затоа, честопати велам дека четири пати зборуваме за иднината а еднаш за минатото, и тоа кажува за новиот пристап што го внесовме во овој нов циклус“, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи, во гостувањето на ТВ Сител.

Запрашан дали без финално решение на Комисијата за историски прашања може да почнеме преговори со ЕУ, Османи вели дека работата на таа Комисија е долгорочен процес.

„Целта на Комисијата е да ја конзервира темата во неа, за општествата и политичарите да не дебатираат за историја, и тие расправии за историјата да не ја контаминираат билатералната, секојдневна комуникација. И тоа е најважниот квалитет на таа Комисија. Доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растоварат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите. Бидејќи, ние велиме – ‘да, треба да се надминат тие разлики’, но никој не очекува дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати. Тое е и духот на Договорот од 2017 година“, рече Османи.

Според него, не треба да се создава притисок за рокови, туку да создаде доверба кај двете страни дека сепак нема намерно кочење и намерно одложување, туку дека има еден нормален процес на научна дебата.

Извор: дв

Back to top button
Close