Новиот романски премиер Илие Болојан побара плановите за штедење да ги обезбеди преку гласање доверба во парламентот

Само две недели по преземањето на функцијата новиот романски премиер Илие Болојан побара неговата строга програма за штедење да се поврзе со гласање доверба во парламентот, јави ДПА.

Доколку ниту една фракција не поднесе предлог за недоверба во рок од три дена, програмата на Болојан ќе се смета за усвоена без понатамошно гласање. Доколку предлогот за недоверба биде поднесен и прифатен од парламентарното мнозинство, конзервативниот премиер ќе се смета за сменет, а неговата програма за отфрлена, дополнува германската агенција.

Крајно десничарската Алијанса за Унијата на Романците (AUR) навести дека ќе поднесе предлог за изгласување недоверба на Болојан во парламентот, но за да обезбеди мнозинство ќе и бидат потребни гласовите од пребеганите во владејачкиот табор.

Болојан нагласи дека под итно е потребно да се „воведе ред во финансиите“ на земјата. Во спротивно, предупреди тој, може да следат многу високи каматни стапки на меѓународните заеми и замрзнување на средствата од ЕУ, пренесе ДПА.

Романскиот буџетски дефицит изнесува 9,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и е највисок во Европската Унија.

Најважната точка во програмата на Болојан е зголемувањето на ДДВ за два процентни поени, а кон крајот на јули, тој има за цел да спроведе и втор пакет мерки за штедење.

Според критичарите, високиот буџетски дефицит е предизвикан од социјалните подароци од претходната социјалдемократска влада, особено во изборната 2024 година.

Поранешниот регионален политичар Болојан се смета за радикален реформатор и штедач. Тој владее со Романија од 24 јуни, предводејќи коалиција од четири партии составена од конзервативната Националнолиберална партија (ПНЛ), Социјалдемократите (ПСД), либералниот Сојуз за спас на Романија (УСР) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија

Back to top button
Close