Новите членови на Судскиот совет дадоа заклетва, на маса ги чека планот за борба против корупција

Програмата и планот за превенирање на корупцијата беа објавени непосредно пред изборот на новите членови на Советот. Во неа се наведени и примери за ризиците од корупција, па така како една од опасностите се наведува тоа што има судии кои голем дел од времето го посветува во вршење на адвокатска работа, на начин што дава совети изготвува тужби, жалби, разни поднесоци и надвор од своите надлежности се впушта во решавање предмети на свои колеги со дирекно или индиректно влијание. Меѓу анализата на ризиците се наведува и тоа што судии свесно се доведуваат во состојба адвокати да го користат блиското пријателство со нови за да остават впечаток кај странките дека тие имаат врски кои можат да им помогнат и да добијат спор кај нив

Тројцата судии, Мирјана Радевска Стефкова од Врховен суд, Зоран Герасимовски од апелационо подрачје Скопје и Ивица Николовски од апелационо подрачје Гостивар, денеска ги дадоа заклетвите во Собранието со што и официјално стапија на новите функции – членови на Судскиот совет.

Тие беа избрани од редовите на судиите со непосредно гласање од нивните колеги на избори што се организираа на 14 септември.

„Се надеваме дека ќе дадеме свој придонес во работата на Судскиот совет кој е орган за заштита и се грижи за независноста и самостојноста на судиите особено дека ќе придонесеме во изградба на интегритетот на судиите со оглед на состојбите со довербата во судството во државата“ рече Радевска-Стефкова.

Таа заедно со Герасимовски и Николовски ќе ги заменат тројцата досегашни членови на Судскиот совет, Киро Здравев, Гордана Спиреска и Зоран Теофилоски, кои заминаа во пензија.

На маса ќе ги чека Програмата и акцискиот план за превенција и следење на корупцијата во суството 2022-2025, којашто Советот ја објави на својата веб-страница една недела пред изборите.

Новите членови рекоа дека ќе пристапат одговорно и посветено на новите функции и на спроведување на планот и изразија надеж оти ќе дадат свој придонес во зајакнувањето на довербата и борбата против корупцијата во судството.

А, ризиците за корупција против кои треба да се борат детално се опишани во планот, во кој критичните точки се сумирани на следниот начин:

„Несоодветна примена на правната регулатива во однос на распределбата на предметите и оценувањето на судиите;

Исклучително силно значење на интегритетот на човечкиот фактор во секторот судство;

’Недопирливост‘ на судство – непроцесирање на постапки за злоупотреба на позицијата или судир на интереси од страна на судии;

Малата општествена средина во земјата овозможува релативно лесен и брз пристап, и оттаму, обид за влијание на заинтересираните страни врз судиите и другите актери во правосудниот систем;

Недоволна економска самостојност на судскиот систем од извршната власт која дирекно се одразува на условите за работа и човечките ресурси“ гласат сумираните ризици.

Спрегата судии-адвокати Судскиот совет во анализата на ризиците, корупцијата ја поделил на посредна и директна, а меѓу конкретните примери на кои се осврнува е спрегата на судиите со адвокатите.

 

„Судии чии деца или други блиски роднини се адвокати или се вработени во адвокатски друштва кои постапуваат во предмети по кои постапува судијата“е еден од ризиците од висок степен што ги детектира Судскиот совет при посредната корупција.

Понатаму, се наведува во анализата, од среден ризик од посредна корупција е спрегата на судии чии деца или родници – адвокати работат во иста област и исто подрачје како судијата кој, пак, надвор од своите надлежности приватно си брка адвокатка работа.

„Ова од причини што судијата голем дел од времето го посветува во вршење на адвокатска работа, на начин што дава совети изготвува тужби, жалби, разни поднесоци и надвор од своите надлежности се впушта во решавање предмети на свои колеги со дирекно или индиректно влијание“пишува во анализата на ризиците.

Во директната корупција, пак, се наведува ризикот од директна врска на судијата со странката за примање поткуп. Понатаму, повторно се споменува спрегата со адвокатите велејќи дека судии свесно се доведуваат во состојба адвокати да го користат блиското пријателство со нови за да остават впечаток кај странките дека тие имаат врски кои можат да им помогнат и да добијат спор кај нив.

Истиот ризик е детектиран и кога станува збор за блискоста на судиите со судските службеници, кои се претставуваат блиски со судијата и за надомест вршат преговарање и договарање со странките.

За ситна награда преку судската администрација може да се влијае во спорови

Во понатамошната анализа се наведува и ризикот од корупција преку судската администрација каде може да има вработени кои ветуваат на странките дека ќе се залагаат за решавање на спорот во нивна корист.

„Судската администрација, која се претставува како фактор во пресудувањето и дека се блиски со одделни судии, па за награда за која странката смета дека се дава на судијата, ветуваат дека ќе се залагаат за решавање на спорот во корист на странката и оние кои за ситна награда во пари, храна или мал подарок влијаат одделни права странките да можат побргу да се остварат, други да не можат да се остварат, некои одлуки иако правосилни да не се извршат и застарат итн.“гласи еден од ризиците за директна корупција што ги детектира Судскиот совет.

Во планот како ќе се бори против сите детектирани ризици, Советот наведува дека е потребно потемелно следење на работата на секој поединец во судството, редовно и ажурно постапување по поднесените претставки и барања за утврдување на одговорност кај судиите, следење на резултатите на судиите преку кварталните и годишните извештаи за работата, меѓународна соработка за размена на искуства и добри практики итн.

Back to top button
Close