Ново лого и вечен лидер
Демократската унија за интеграција (ДУИ) не успеа да понуди ново лидерство додека седи во опозиција и на своите избирачи пред есенските локални избори им нуди ново лого и ново име на Европскиот фронт што го предводи. Освежувањето, особено пред избори, е секогаш позитивен чекор, но ако тоа е само козметичко, граѓаните го сфаќаат трикот и го игнорираат. Така отприлика помина и веста за ребрендирањето, без посериозно внимание во јавноста. Европскиот фронт, кој е второто име на ДУИ, се преоблече во Национална алијанса за интеграција, го смени и логото, но вистинското прашање е всушност – кога ќе видиме нов лидер?
Господинот Али Ахмети е на чело на ДУИ 23 години, од јуни ја почна 24-тата. Речиси две и пол децении (ако се земе и неговиот стаж на чело на ОНА) тој ја обликува партиската политика на ДУИ, а речиси исто толку долго имаше главно учество во обликувањето на државната политика на Македонија. Политичкото наследство што тој ќе го остави е богато почнувајќи од Охридскиот рамковен договор, зголемувањето на учеството на Албанци во полицијата, војската, државната администрација, официјализирањето на албанскиот јазик на ниво на цела држава, прв претседател на парламентот од албанската етничка заедница и други придобивки за Албанците. Ахмети одигра и клучна улога во стабилизирањето на Македонија по конфликтот во 2001 и во зголемената видливост на албанскиот политички фактор во државата и на меѓународен план од 2001 наваму.
Но на тој долг пат ДУИ се претвори во премногу централизирана партија а лидерот во најсилен глас во носењето на одлуките. Како и при секое долго и неприкосновено лидерство, со текот на времето нараснаа и партиските замешателства во корупција и политички патронат над судството и обвинителството. Како резултат на тоа од ДУИ се изнедрија недопирливи како Муса Џафери (случајот со Телеком), Рамиз Мерко кој е на американската црна листа а овде „нема докази“, внукот Дрин Ахмети, Артан Груби и други, а виталните претпријатија како М-НАВ и Македонска пошта под нивна контрола ќе станат синоним за разбојничко управување и партиска аздисаност.
Недопрен од корупциските афери
Притоа се родија и партиски незадоволства и фракции. Самиот Бујар Османи во една прилика рече: „Од ДУИ во овие 20 години произлегле над 13 политички партии, сите со краток здив и тоа од политички фигури кои биле на високи функции во партијата. Така што со среќа нека им е на сите што мислат дека има подобро, поконзистентно и посилно од ДУИ”. Тоа покажува дека во ДУИ имало желба за промени но процесите биле задушени. Најновите фракционери, некогашните „огнени“, пак, денес седат во Владата и се најжестоки противници на ДУИ.
Иако неговиот најтесен круг имаше улога во корупциски афери, самиот Ахмети остана недопрен и со аура на чесен меѓу неговите партиски и политички соработници. И на претстојните избори повторно ќе го гледаме во улога на „front runner” иако овој пат како опозиционер. Овој ветеран на постконфликтната политика во Македонија, не го смета за минус сопственото вечно лидерство, ниту пак му пречи додека јавно се залага за европски и меѓународни стандарди во политиката кои ги прекршува со избегнувањето да го предаде кормилото.
Денеска со право можеме да се прашаме: дали репутацијата на претседателот на ДУИ е иста како и пред 22 години, и дали лидерство со насобран багаж од скоро две и пол децении може да симболизира прогрес и нова перцепција за партијата што ја води. Велат дека првите пет години на кормило оставаат зад себе повеќе плусови отколку минуси, наредните пет се изедначуваат плусовите и минусите, а после десет години на моќна позиција надвладуваат минусите а се намалуваат плусовите за на крај сосема да исчезнат. Претстојните избори ќе бидат добра прилика да се види дали избирачите ќе го доживеат Али Ахмети како лице на иднината или како лице на минатото. Особено сега откако ДУИ ја нема моќта во централната власт која на волшебен начин втерува гласови на партиското конто.
Прашање без одговор
Му вели еден партиски поддржувач на Ахмети под неговата Фејсбук објава за новото лого: Кој ќе биде лидер на Националната алијанса за интеграција бидејќи сте пред пензија, Села или Таравари? Прашањето не доби одговор, но отслика многу важен момент во правец на тоа дека електоратот веќе размислува за политичко пензионирање на лидерот на ДУИ. Или подобро речено го замислува Ахмети како иден политички пензионер и прави комбинаторики за неговиот можен наследник. Граѓаните гледаат понапред отколку што тоа го прави партијата или господинот Ахмети и неговата клика.
Долговечноста во балканската политика не е ништо ново, но според демократските стандарди таа упатува или на исклучително добра политика за своите граѓани или на автократија маскирана во демократија. Балканските народи кои произлегоа од распадот на некогашната југословенска федерација се склони и кон негување култ на личности по урнекот на комунистичкиот лидер Тито кој се појави од борбата за слобода. Така некако може да се протолкува и култот кон претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој несомнено беше херојот на војната во 2001 за правата на Албанците. Меѓутоа, додека политичкото пензионирање на Али Ахмети сѐ уште е непристојно прашање во ДУИ, вреди да се потсетиме дека историјата нѐ учи и дека секое време има свои херои. На кои им поминува времето.
Соња Крамарска