Ново обвинение за див паркинг во Чаир – против физичко лице и фирма
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе уште еден обвинителен предлог за узурпација на државни парцели во скопски Чаир кои нелегално биле користени како див паркинг-простор.
Обвинителниот предлог, како што информираат од републичкото Јавно обвинителство, е поднесен против едно физичко и едно правно лице кои се товарат за кривичното дело узурпација на недвижности по член 225 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, во случајов станува збор за узурпација на земјиште од 11 катастарски парцели во сопственост на државата, лоцирани до цветниот пазар кај Поликлиниката „Бит-пазар“.
Земјиштето, според Деталниот урбанистички план „Саат кула“ во Општина Чаир било наменето за изградба на катна гаража и требало да се продаде со јавно наддавање, но од 24 август лани обвинетиот почнал да го користи како импровизиран паркинг-простор.
„Тој поставил рампа и пункт за наплата на паркинг, ангажирал еден вработен да врши наплата за користење на паркинг-место и на корисниците во име и за сметка на правното лице им издавал сметки, ограничувајќи и контролирајќи го влезот и излезот до земјиштето“се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Оттаму додаваат дека јавниот обвинител надлежен за случајот предложил на обвинетиот да му биде определена мерка на претпазливост, односно забрана да го користи земјиштето.
За два дена ова е втор случај во кој Основното јавно обвинителство Скопје поднесува обвинение по пријавите за дивите паркинзи во Општина Чаир.
Вчера оттаму информираа дека е поднесено обвинение против друго физичко и правно лице кои, исто така, подолг период нелегално користеле државно земјиште како импровизран паркинг во близина на Поликлиниката „Бит-пазар“.
Четириесет и седумгодишниот обвинет во овој случај, во име и за сметка на фирмата поставил рампа и пункт за наплата и ангажирал едно лице да врши наплата по цена од 50 денари за 90 минути користење, со што го ограничил и го контролирал влезот и излезот на земјиштето.