Ново одложување на „Титаник“ – судењето почна пред три години и седум месеци

Ако продолжи со ова темпо, тогаш во најобемниот предмет што го отвори СЈО постои опасност да застари кривичното дело злосторничко здружување затоа што според закон во 2023 настапува апсолутна застареност за него

Рочиште за „Титаник“ / Фото: МИА / Архива

И по 100 закажани рочишта случајот „Титаник“, во кој поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се обвинети за изборни нерегуларности, никако да мрдне од мртва точка.

Според извештајот на ТВ24, денешното рочиште беше одложено затоа што поранешниот градоначалник на општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, утрото испратил известување до обвинителството дека е примен во болница на лекување.

Обвинителката Лиле Стефанова најави дека дополнително ќе се произнесе како ќе ја води постапката, а судијата Осман Шабани кој е претседател на судечкиот совет, изјави дека ако обвинителството не се произнесе тогаш судот ќе одлучи со решение и најави раздвојување на постапката за Темелко.

Како што потсетува ТВ24, ако продолжи со ова темпо, тогаш во најобемниот предмет што го отвори СЈО постои опасност да застари кривичното дело злосторничко здружување затоа што според закон во 2023 настапува апсолутна застареност за него.

Според мониторингот на Коалицијата сите за правично судење, судскиот процес по предметот „Титаник“ започна пред три години и седум месеци односно на 2 април 2018.

Изминатото лето, овој предмет се најде меѓу неколкуте од СЈО во кои дојде до промена во составот на судечкиот совет откако двајца поротници од Основниот кривичен суд беа разрешени поради наполнети 60 години.

Во случајот обвинети се вкупно 21 лице меѓу кои се: поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се гонат за повеќе дела, како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал.

Back to top button
Close