Новогодишната кошничка беше успешна и ги намали цените на производите, велат од Економија и труд
Новогодишна кошничка беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите што беа вклучени во неа, велат од Министерството за економија и труд.
Успешноста на акцијата велат дека се гледа во тоа што во неа биле вклучени 1 178 производи од 96 производители и дистрибутери, а се применувала во 762 продажни места на 51 маркет.
Од Министерството се повикуваат и на податоците од Индексот на трошоците на животот и на цените на мало од Државниот завод за статистика (ДЗС) каде што се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5 отсто.
Што се однесува, пак, на месечно ниво од Економија и труд велат дека во декември 2024, споредено со претходниот месец инфлацијата изнесувала 0,3 отсто.
„Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци изнесува 0,3 отсто. Ова покажува дека новогодишната кошничка, каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци, го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година“се наведува во денешното соопштение од министерството.
Очекувањата на министерството се дека и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година, ќе се потврдат ефектите од новогодишната кошничка, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храната и безалкохолни пијалаци.
Главната цел на новогодишната кошничка, што беше креирана од производителите, дистрибутерите и трговците, како што велат од министерството, била да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи што се ставија со намалени цени на рафтовите во маркетите.
Оттаму додаваат дека со неа се спречило зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржало стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 година и во текот на овој месец.
Од Министерството за економија и труд велат дека во наредниот период ќе продолжат да креираат мерки и политики кои ќе значат заштита на стандардот на граѓаните.
Новогодишната кошничка која почна да важи на 15 декември и траеше до денеска беше повод за партиски негодувања за нејзиното воведување и оправдување од власта.
Од опозициската СДСМ постојано велеа дека цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија.
Од партијата смета дека политиките на власта со воведување на кошничката се целосно промашување со кое има поголема скапотија кај граѓаните и ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија.
Откако беше воведена новогодишната кошница инспекторите на Државниот пазарен инспекторат беа на терен и проверуваа дали трговците пред да ги намалат производите за 10 отсто, веќе ги зголемиле цените на некои од нив.