Нула придобивки од кинеската иницијатива „Појас и пат“
На Форумот што се одржа во Скопје, во октомври минатата година на тема: „Односите меѓу Кина и Западниот Балкан: предизвици и изгледи“ уште еднаш беше потенцирано дека иницијативите како што е „Појас и пат“ нудат големи потенцијални придобивки за регионот. Според учесниците, „Појас и пат“ може да помогне во развојот на транспортните и енергетските коридори, правејќи го Западен Балкан, клучна точка за транспорт на стоки и енергетски ресурси.
Но дали земјите од регионот навистина можат да посведочат дека врските со Кина се доказ за еден стабилен, долготран и плоден однос. Неопходно е да се запрашаме и добро да размислиме…какви се реалните придобивки на Северна Македонија од овој танц со „змејовите“?
Можеби одговорот на овие дилеми ќе го најдеме во анализата на албанскиот новинар Арди Пулај, кој е експерт за прашања од Западен Балкан и дополнително експерт за врските со Азија. Тој објави дека Албанија има нула придобивки од кинеската иницијатива „Појас и пат“. Имено, во 2017 година, Албанија потпишала договор за соработка со Кина во рамките на иницијативата „Појас и пат“. Тој бил замислен како обид за унапредување на билатералната соработка во областите на инфраструктурата, производствените капацитети, туризмот и земјоделието. Шест години подоцна многу малку е постигнато.
За време на турнејата низ Албанија на кинескиот вицепремиер Џанг Гаоли, на 17 април 2017 година, двете страни изјавиле дека оваа балканска земја е главен играч долж проектот „Појас и пат“. Џанг ги охрабрил Тирана и Пекинг да ги забрзаат преговорите и потпишувањето на меѓувладиниот Меморандум за разбирање на „Појас и пат“, за подобро планирање и насочување на билатералната соработка со цел да дадат поплодни резултати.
Џанг како што е цитиран во натпис во Ксинхуа (Xinhua) изјавил: „Кина би сакала да земе активно учество во албанските големи инфраструктурнии енергетски проекти како патишта, хидроцентрали и економски развојни зони и да ја зајакне соработката за културни и меѓучовечки размени, снимање филмови, образование и туризам.“
Сепак, потребни биле пет години по посетата на Џанг, за Албанија да го потпише Меморандумот за разбирање „за формирање на заедничка работна група за инвестициска соработка“. Во февруари 2021 година, Меморандумот е потпишан од страна на министерката за финансии и економија, Анила Денај и кинескиот министер за трговија, Ванг Вентао.
Албанија учи од неуспесите во другите балкански земји
Додека на Балканот има околу 120 проекти поврзани со Кина во вредност од речиси 32 милјарди американски долари – од кои повеќето се во инфраструктурата и енергетскиот сектор – Албанија во голема мера се оддалечила од натрупувањето на огромниот кинески долг во замена за развој. Наместо тоа, Албанија се има определено за преземања кои не се закануваат да ја поткрепат иднината на земјата.
Еден од примерите за зголемени кинески долгови на Балканот е Црна Гора: зборуваме за автопатот од 1 милијарда американски долари, започнат во рамки на „Појас и пат“, кој не ги помина повеќето физибилити студии, за подоцна да биде комплетно блокиран. Првите 41 километар од автопатот долг 163 километри беа отворени во јули 2022 година. Откако Кина, во 2014 година го поздрави овој значаен проект, автопатот оттогаш стана предупредувачка приказна што ги сплотува опасностите од неквалитетна кинеска градба и површните практики на кредитирање со локални ендемични корупциски проблеми во државата.
Во анализата Пулај ја посочува Северна Македонија како земја која имаше слично, неласкаво искуство со заемите од Ексим Банка (Exim Bank) од Кина за израдба на автопати. Речиси девет години од почетокот на градежните работи, клучниот автопат Кичево-Охрид не е завршен. Во меѓувреме, Кина како дел од проектите на „Појас и пат“, навлезе и во железничкиот сектор на Северна Македонија.
Запрашан дали Албанија треба да биде загрижена за повторување на проблемите со кои се соочуваат другите балкански држави, политичкиот аналитичар Бен Андони од Тирана изјавил за Global Voices:
„Албанија треба да се плаши и тоа многу. Големите разлики во меѓународната политика ги ставаат двете земји на речиси спротиставени страни од барикадите. Албанија е лојален сојузник на САД, чијшто Кина е решителен противник и предизвикувач. Проектот за автопат, кој траеше толку долго и долгот за кој Црна Гора доби заем од Експорт-импорт банка на Кина, отворено покажа слика за Кина во нашиот регион и во Европа која не е многу позитивна.
Присуството на Кина на Балканот изгледа големо и порасна во последните години. Кина инвестираше милијарди во регионот што предизвика загриженост за финансиската зависност од Пекинг. За среќа, однесувањето на Кина доведе до мобилизација на европските институции да и помогнат на Црна Гора да го врати долгот кон Кина во износ од 1 милијарда долари. На Албанија со своите капацитети би можело да и биде многу потешко и би биле потребни долги преговори доколку се соочи со слична ситуација. Затоа, внимателноста мора да оди рака под рака со загриженоста“.
И навистина, напредокот во учеството на Албанија во „Појас и пат“ е бавен. Ставот на земјата кон Иницијативата беше јасно артикулиран од премиерот за време на неодамнешната официјална посета на Јапонија. Еди Рама изјави дека не гледа економски придобивки од она што остана од блокот за економска соработка на Кина „17+1“ со источно европските нации – формат започнат пред „Појас и пот“, кој потоа се користеше за реализација на целите на „Појас и пат“.
Членството во блокот се намалува, при што Литванија се повлече во 2021 година, а Латвија и Естонија се повлекоа минатата година. Зборувајќи со Nikkei Asia во Токио, на 22 февруари 2023 година, Рама го опишал блокот како некорисен, додавајќи „Во однос на економското влијание, би рекол нула“. Сепак, според Рама, неговата влада „нема да се повлече. Ќе останеме и мислам дека повлекувањето во принцип не е добра идеја“. Тој додаде дека е важно земјите да „разговараат колку што може повеќе едни со други“ и „да се стават себе си на местото на другите“.
Игра со непостоечка сума и покрај историските врски?
Албанија е всушност однапред условена за соработка со Кина. Таа беше една од најраните европски нации што воспостави дипломатски односи со Народна Република Кина во 1949 година. На некој начин можеби е посоодветно да се зборува за враќање на Кина во Албанија, наместо за нејзино доаѓање. Но, денешна Албанија е членка на НАТО, и сака да се гледа себеси како дел од Европаската Унија во иднина. „Сакаме да го споделиме нашиот безбедносен товар со земјите кои се дел од нашите стратешки сојузи“, изјавил Рама за време на истото интервју за Никеи Азија.
Националната безбедност е можеби една од главните пречки кои ги спречуваат големите кинески проекти, како што објаснува за Глобал Војсис Лефтиони Перистере, новинар кој ја покрива Кина:
„За Кина, проектите во Албанија се многу мали. Изразен е интерес за реновирање на целата електропреносна мрежа која е многу потребна. Но, постојат фактори кои бараат анализа зошто таков проект не може да и се довери на кинеска компанија. Албанија е земја на НАТО; не може да ја остави целата енергетска мрежа, критична инфраструктура, во рацете на кинеска компанија.“
Перистере исто така посочува дека Кина морала да „прости“ заеми од проектите на „Појас и пат“, нешто што Пекинг често го омаловажува затоа што: „Иницијативата Појас и пат“ се смета за екслузивна иницијатива на претседателот Кси Џинпинг, дури и без да има никакви резултати, таа ќе биде промовирана дома во Кина, како успех на лидерот.“
Во секој случај, Кина не постигна многу во ова историско враќање. Според China Index , иницијатива на Doublethink Lab, тајванска граѓанска организација посветена на проучување на малигното влијание на дигиталниот авторитаризам, Албанија е едно од местата со најмалку влијание на Кина на списокот од 82 земји испитани досега. Најмногу, Пекинг е присутен во медиумите и во трговијата. Досега се чини дека кинеско-албанското пријателство од 70-тите не даде голема поддршка за „Појас и пат“ и останува во голема мера симболично.
Гледајќи ги низата неиспешни иницијативи и „мега проекти“ на Кина во регионот на Западен Балкан, наспроти нереалната „блескава“ слика која што се пласира во медиумскиот простор, останува да размислиме: колку од овие капитални инвестиции ги гледаат и чувствуваат македонските граѓани и дали доколку се скршат „розевите“ кинески очила, вистината ќе не удри сите во лице?!