Нуредини за МИА: Очекувам годинава да се фокусираме на долгорочните мерки за аерозагадувањето, пред се на изградбата на гасоводот како трајно решение

Како Влада очекувам во 2023 година да се фокусираме на долгорочни мерки за аерозагадувањето, пред се на изградбата на гасоводот, бидејќи само со што поскора гасификација на државата ќе можеме трајно да го решиме проблемот. Дополнителни активности ќе бидат субвенциите што преку Министерството за економија ќе се даваат за стимулирање на користење на обновливи извори на енергија. Но очекувам во оваа година повеќе да се насочиме и кон секторот транспорт како извор на загадување, истакна за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Зборувајќи за Извештајот на Европската комисија за 2022 година за земјава, Нуредини потенцираше дека продолжуваат посветено да работат на исполнувањето на предвидените политики од амбициозниот национално определен придонес кон Договорот од Париз, Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Долгорочната стратегија за климатска акција и акционен план, со која се предвидува транзиција од јаглен кон чисти и обновливи извори на енергија, градење на просперитетна економија која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, подобрување на конкурентноста и промовирање социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.

 

 

 

Што, според вас, ја обележи 2022 година во однос на мерките што Министерството за животна средина и просторно планирање ги презеде за унапредување на оваа сфера?

 

Во текот на 2022 година навистина и покрај бројните предизвици успеавме да ги поместиме работите во повеќе области од животната средина. Доколку ме прашувате со што е одбележана 2022 година во овој сектор, секако најпрво би го споменал чистењето на депонијата во ОХИС од изомерите на линданот, што како историски опасен отпад со децении претставуваше закана по здравјето на луѓето. Министерството за животна средина и просторно планирање пред два месеца одвои околу три милиони денари и инвестираше во истражување и на локацијата Пеленица за да се утврди дали и колку се контаминирани почвата и подземните води на таа локација за која има сознанија дека таму е депониран историски отпад од ОХИС, но и од други околни индустриски капацитет, а истата во минатото често беше користена како излетничко место.

Потоа би го споменал напредокот на проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен за којшто велам дека ќе биде основна батерија за обезбедување на електричната енергија потребна на оваа држава. По 13 неуспешни обиди, конечно успеавме да го објавиме тендерот и добивме сериозна понуда за изградба на хидроцентралата Чебрен. Чебрен ќе претставува основен балансер за обезбедување на електрична енергија од сопствени обновливи извори на енергија.

Во делот природата, годината ја одбележа сериозниот напредок во прогласување и репрогласување на заштитени подрачја, а процентот на заштитени подрачја е зголемен на 13,9 проценти. Продолжуваме со прогласување и репрогласување на Кањон Матка, Јабланица, НП Маврово и други, а виден напредок е постигнат и во воспоставување на одржливо управување со заштитените подрачја. И секако како голем успех ги сметам успешните преговори за обезбедување на стратешки инвеститор за развој на Ски Центарот на Попова Шапка, кој при крајот на годината го повикавме и на прес-конференција ги претстави пред јавноста плановите за реализација на овој стратешки проект. Како што често сакам да кажам, наша цел не е природните вредности да ги претвориме во музеи, туку да ги заштитиме природните убавини воспоставувајќи одржливо управување и социоекономски развој со кој бенефит би имала и државата и локалните заедници.

И секако, морам да ги споменам и проектите за изградба и рехабилитација на инфраструктурата за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води за сите општини во државата.

Невладините организации сметаат дека буџетот за 2023 година е „поразителен“ со оглед на заканите врз животната средина. Дали сте задоволни со средствата што се одвоени? Дали тие ќе ги задоволат вашите потреби и зацртаните цели?

Изминатиот период беше полн со предизвици, соочувања со две глобални кризи една по друга, прво здравствена, потоа енергетска и сето тоа бараше многу мудрост, трпение и креативност од нас како Влада за да можеме одговорно и соодветно да ги распределиме финансиските средства со што ќе ја оправдаме довербата од граѓаните, а во исто време ќе овозможиме и економски развој и секако и ќе ја заштитиме животната средина. Средства за финансирање во животната средина никогаш не се доволно, особено што имаме и многу наследени сериозни жешки точки, за чие решавање се потребни големи финансиски средства. Задоволен сум што на работите им пријдовме системски и од корен ги поставувуваме на здрави нозе. За да може да се справуваме со жешките точки внесовме измени во Законот за животна средина со кој дефиниравме методологија според која одреден проблем може да се прогласи како жешка точка, а тоа досега не е направено. Со ова отворивме пат за пристап до донатори и изнаоѓање на финансиски средства.

Но кога зборуваме за средства што во 2023 година ќе се инвестираат во животната средина, сакам да истакнам неколку поенти и да разбијам неколку предрасуди. Прво, целата измината година, свесни дека средствата од основниот буџет се ограничени, напорно работевме во изнаоѓање на дополнителни извори за финансирање и слободно можам да кажам дека реализацијата на најголемите капитални инфраструктурни проекти, што бараат и големи финсиски средства што не можеме да ги обезбедиме од централниот буџет ги обезбедивме преку донаторски средства и преку кредитни линии. Исто така, треба да имаме предвид дека во програмите на другите министерства, исто така се проектирани средства наменети за проекти со кои се обезбедува заштита на животната средина.

Во текот на изминатата година остваривте бројни патувања и средби надвор од државава. Каков е бенефитот од тие средби? Колку донации се слеаа во МЖСПП благодарение на тие средби?

Да, точно е дека во минатата година остварив бројни патувања, но во рамките на секое патување остварив бројни средби со високи претставници на држави и меѓународни организации со цел да се презентираат заложбите на државата во животната средина и да се обезбеди нивна поддршка како финансиска, така и експертска. Во секој случај мојата девиза е дека за да добиеш поддршка и помош мора и да ја побараш, а тоа значи секоја можна прилика да се искористи за лобирање преку остварување директни контакти. Секако сите сме свесни дека за да ги постигнеме европските стандарди во животната средина не е доволно да донесеме добри закони, туку се потребни и големи вложувања за реализација на низа големи инфраструктурни проекти без кои е назамислив нашиот влез во Европа. На пример за пречистителна станица за главниот град во државата. Затоа, како што веќе напоменав напорно работевме на обезбедување што е можно повеќе средства преку нашите партнерски организации и донатори, коишто понатаму се слеваат индиректно кај граѓаните преку реализација на големи инфраструктурни проекти. Обезбедени се 126 милиони евра преку заем од Европската инвестициона банка за изградба на пречистителната станица во Град Скопје.

Дополнително, очекуваме да добиеме грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во вредност од 72 милиони евра, за кои треба да се одлучи дали истите да се користат за намалување на заемот или зголемување на инвестицијата. Над 110 милиони евра се обезбедени преку ИПА2 програмата, што се донаторски средства. Овде морам да ја споменам и поддршката од Европската Инвестициона Банка со 50 милиони евра заем наменет за општините за изградба на водоводни мрежи, одведување и прочистување на отпадни води и дополнителни 55 милиони евра од Европска банка за обнова и развој за воспоставување на регионален систем за управување со отпад. На овој начин обезбедуваме средства за сите општини во земјата.

Донација во вредност од девет милиони швајцарски франци е обезбедена преку Швајцарската Влада. Дополнителни 11 милиони швајцарски франци се обезбедени за реализација на проект за подземни води. Во делот на заштита на природа исто така имаме обезбедено средства од неколку меѓународни донатори како што се ПОНТ, Глобал конзервејшн Фонд и др. Сето ова се средства кои преку реализација на проекти ќе бидат наменети за граѓаните преку подобрување на инфраструктурата и заштита на животната средина.

L

Во буџетот за 2023 години се предвидени 352 милиони за Програма за инвестиции за животната средина, односно средства проектирани за поддршка на општините. Од нив дел се од надоместокот за употреба на биоразградливи кеси, како и од надоместокот при регистрација на возила. Како конкретно ќе се трошат тие средства?

Она во што имаа голем напредок е Програмата за инвестиции во животната средина 2023 година. Годинава таа ќе биде проектирана кон поддршка на општините. За 2023 година има видно зголемување на средствата за оваа програма. Од 98 милиони во 2022 година, тие се зголемија на 352.000.000 денари. Од овие средства, 120 милиони се од надоместокот за употреба на биоразградливи кеси, а другите се од надоместокот при регистрација на возила.

Овие средства ќе бидат наменети, пред се, за поддршка на општините за изработка на проектна документација и реализација на капитални инфраструктурни проекти за водоснабдување, одведување и пречистување на отпадни води, како и воспоставување на системите за регионално управување со отпадот и поддршка на примарната селекција на домаќинствата.

Со оглeд на тоа што и минатата година имавте одвоено средства за Програма за инвестиции, како тие средства конкретно беа распределени по општините?

Од Програмата за инвестиции во животна средина за 2022 година, МЖСПП финансиски ги помогна општините за изработка на техничка документација за инфраструктурни проекти, изведба/изградба на канализациони мрежи и постројки за третман на отпадни води, како и планови за управување со квалитет на воздухот на локално ниво и катастри на загадувачи на воздух, од Програмата за 2021 година, а завршени во 2022 година финансирани се шест катастри на загадувачи на воздух и четири Плана, а од програмата за 2022 година, финансирани се уште четири катастри на загадувачи на воздух на локално ниво и шест локални планови.

 

Со Законот за амбиентален воздух од 2021 година обврските на општините се зголемија и тие се задолжени да изработат Планови за справување со аерозагадувањето и мерки согласно условите во општините и истите да ги применуваат при заголемено аерозагадување.

Од програмата се поддржани и проекти на здруженија на граѓани како и научно истражувачки трудови.

Европската комисија во минатогодишниот извештај оцени дека Северна Македонија треба значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Што се предвидува за следната година како одговор на оваа препорака?

Економската и енергетска криза со која се соочува светот не научи всушност колку е силна потребата на една земја да биде енергетски независна и економски стабилна, засилувајќи ги и нашите амбиции кон остварување на зацртаната зелена транзиција како дел од Зелената агенда. Пред се ние како држава се обврзавме кон декарбонизирана иднина со потпишување на декларацијата од Софија за Зелена агенда за Западен Балкан, а и потписничка сме на Договорот од Париз. Во тој контекст продолжуваме посветено да работиме на исполнувањето на предвидените политики од амбициозниот национално определен придонес кон Договорот од Париз, Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Долгорочната стратегија за климатска акција и акционен план, со која се предвидува транзиција од јаглен кон чисти и обновливи извори на енергија, градење на просперитетна економија која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.

 

Фокусирани сме на диверзифицирање на сопствените извори на снабдување и инвестирање во обновлива енергија. Туку најголем потфат ќе биде реализација на проектот за изградба на една најголемите хидроцентрали во регионот – Чебрен и создаваме услови приватните компании да инвестираат во зелена енергија.

 

Според новиот Закон за климатски промени што се очекува наскоро да биде донесен предвидовме воведување цена на јаглеродот, првично како преодно решение, а потоа да го усогласиме со правилата на ЕУ ЕТС до 2030 година. Со тоа целиме кон забрзување на декарбонизацијата, но и кон избегнување на плаќањето на данокот на јаглерод на Европската Унија за увоз, кој блокот планира да го воведе од 2026 година. Во тој контекст се усогласуваме со земјите од Западен Балкан.

Исто така остануваме посветени на одржлив раст и ублажување и отпорност на климатските промени и усогласување и имплементација на Европскиот зелен договор, како и регионална соработка во спроведувањето на Декларацијата од Софија и нејзиниот Акционен план.

Не ја потценуваме компонентата за прилагодување дури и кон климатски промени, како еден од најранливите региони. Затоа, потребна е подготовка и имплементација на стратегии за адаптација на климата за да се зголеми отпорноста преку климатска заштита на инвестициите и да се обезбеди поголема интеграција на прилагодувањето кон климатските промени со намалување на ризикот од катастрофи.

Мораме да продолжиме со нашата работа и лидерство кон постигнување на сите овие национални, регионални и меѓународни таргети и цели преку обезбедување на поволна животна средина и правилно владеење.

Исто така ЕК оцени дека треба да се забрзаат напорите за намалување на загадувањето на воздухот, еден од најгорливите проблеми во земјава. Кои конкретни чекори ќе ги преземете во текот на оваа година со цел наредната грејна сезона да не се соочуваме со она со што се соочуваме постојано?

Во однос аерозагадувањето мораме и понатаму да работиме здружено на сите нивоа во справувањето со изворите на загадувањето. Решавањето на овој проблем како што повеќепати нагласив бара повеќегодишна програма и работа за справување со изворите на загадувањето. Во тој дел се вложува од буџетите на речиси сите министерства, пред се во промена на енерегетската ефикасност на објектите што ги имаат во владение различни министерства и институции, потоа во замена на начинот на затоплување со поеколошки, позасилени контроли на индустриските капацитети со А и Б интегрирани дозволи, промена на јавниот транспорт и поеколошки сообраќајни решенија и слично.

Како Влада очекувам во 2023 година да се фокусираме на долгорочните мерки, пред се на изградбата на гасоводот бидејќи само со што поскора гасификација на државата ќе можеме трајно да го решиме проблемот. Дополнителни активности ќе бидат субвенциите што преку Министерството за економија ќе се даваат за стимулирање на користење на обновливи извори на енергија. Но очекувам во оваа година повеќе да се насочиме и кон секторот транспорт како извор на загадување.

Ќе предложам на Влада да ја разгледаме можноста за забрана на увоз на возила под ЕУРО 5 стандардот, да се забрза постапката за донесување на подзаконските акти за еко-етикетирање на возилата со што оние кои не ги задоволуваат потребните стандарди во услови на зголемено загадување ќе можат да бидат исклучени од сообраќај, како и можноста да се субвенционират или да се воведе повластена даночна стапка за електрични, хибридни и плуг-ин возила.

Од друга страна согласно измените на Законот за амбиентален воздух во 2021 година и зголемените обврски на општините, ќе работиме на зголемување на капацитетите на локалната самоуправа, поддршка за изработка на Плановите за справување со аерозагадувањето и способноста да ги применат предвидените мерки. Споменав веќе дека финансиски поддржуваме изработка на 10 планови и 10 кастри за загадувачи на воздухот на локално ниво. И секако во план е спроведување на кампања за подигање на јавната свест бидејќи е потребна вистинска свесност за уделот на секој од нас во квалитетот на воздухот што го дишеме и промена на стилот на живеење што значи и почиста животна середина и поткрепа на одржлива зелена економија.

Back to top button
Close