О’Брајан: Сопственичкиот удел на Русија во НИС треба да биде нула

Американското Министерство за финансии во петокот објави дека ќе санкционира повеќе од 200 субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучувајќи ја и нафтената индустрија на Србија (НИС)

Работата на Српската нафтена индустрија (НИС), која е дел од новиот пакет американски санкции за рускиот енергетски сектор, е прифатлива само доколку рускиот сопственички удел во НИС е нула, изјави помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’ Брајан.

Американското Министерство за финансии во петокот објави дека ќе санкционира повеќе од 200 субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучувајќи ја и нафтената индустрија на Србија (НИС).

По вчерашната средба во Белград со американскиот заменик-државен секретар за управување и ресурси, Ричард Верма, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Америка нема намера да ја погоди Србија со санкциите, ниту само НИС, туку дека ова е сеопфатен напад врз руските компании и сите поврзани компании, вклучително и НИС.

изјави за РТС дека единствениот услов за Вашингтон е „да нема одлив на пари од НИС во Русија“.

„Не сакаме Русија да управува со таа клучна компанија во Србија. Значи, единствениот начин ризикот да биде нула е уделот на руската сопственост да биде нула. Тоа е позицијата со која влегуваме во овој разговор“,изјави О’Брајан.

Според него, крајниот исход треба да биде „конструктивна и силна сопственост“ на НИС од корист за Србија.

Коментирајќи го воведувањето санкции од Вашингтон, О’Брајан рече дека САД „тоа не ѝ го прават на Србија“, туку дека воведуваат санкции за повеќе од 300 руски компании, а некои се однесуваат на танкери што транспортираат руска нафта, како и компании кои имаат корист од глобалната енергетска трговија на Русија.

„Русија го купи НИС за многу мала сума и сега извлекува повеќе пари од Србија отколку што може да потроши во Украина. Сакаме овој проток да престане, да биде запрен, а на српската влада и ветивме дека ќе работиме за да не се прекине снабдувањето со нафта на Србија“,рече О’Брајан.

Во 2008 година НИС беше продадена на руски „Газпром нефт“, а во моментов, според официјалните податоци, „Газпром нефт“ и „Газпром“ имаат 56,15 отсто сопственост, додека 29,87 отсто е во сопственост на српската држава.

Back to top button
Close