ЈО се правда. МВР и АНБ процениле дека Груби дома ќе бил побезбеден
Јавното обвинителство денеска преку соопштение ја информира јавноста дека како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи.

-Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка, велат од таму.
Според Обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
-Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка, велат во соопштението од Јавното Обвинителство.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците беше приведен вчера наутро на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година помината во бегство.
– Денеска (23.2.2026) во 6:10 часот, на граничниот премин Блаце, при влез во државата, лишен од слобода е Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за спроведување истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик – информираа од Министерството за внатрешни работи.
Груби се сомничи за проневера во „Државната лотарија“, каде заедно со Перпарим Бајрами е под истрага за наводен криминал тежок осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати.






