ЈО: Итно се постапува по индиции за кривични дела поврзани со изборите

Привремената Комисија за следење на евентуални нерегуларности на локалните избори што ја формираше Јавното обвинителство на Северна Македонија го следи и вториот круг од гласањето, со цел навремено разоткривање на евентуални кривични дела поврзани со изборите.

Од таму информираат дека утре ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства, а Комисијата ќе го следи процесот на гласање во сите општини каде има втор круг од изборите.

„Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потсетува дека во функција е отворената електронска адреса [email protected], каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

Back to top button
Close