ОЈО бара мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во Кочани


Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираат од Обвинителство.

Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица.

Од новоосомничените, тројца биле министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.

По завчерашната акција за приведување на новосомничените и проширувањето на истрагата, Основниот суд Кочани вчера го прифати барањето на Обвинитеството и определи 30-дневен притвор за четири лица, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица мерка за претпазливост согласно членот 146. Имаат право на жалба во законскиот рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа. Едно од осомичените лица е надвор од државата, а МВР очекува наскоро да биде достапно.Сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, но не е исклучено да има обвиненија и по други кривични дела ако тимот јавни обвинители што ја води истрагата го оцени тоа.

Како што соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција, досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително се води истрага и против седум полициски службеници.

Во однос на одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, потенцира дека воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.

Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.

Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега новоосомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам, кои се сомничат.

Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент, покрај тројца веќе осомничени, посочи тој, упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на важечките закони и подзаконските акти.

Во пожар на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 61 лице, а околу 200 млади луѓе беа повредени.

Back to top button
Close