ОЈО бара притвор за американски државјанин со потекло од Нигерија за поседување оружје и напад врз полицаец во Скопје
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истражна постапка против американски државјанин со потекло од Нигерија, осомничен дека сторил кривично дело – неовластено држење, посредување и тргување со оружје и екплозивни материи, како и за напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.

Настанот се случил на 21 декември во раните утрински часови пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје кога осомничениот нападнал полицаец што се обидел да го легитимира.
„Со удари со тупаници му нанел телесна повреда на полицаецот. Откако е совладан, кај него е пронајден полуавтоматски пиштол ‘глок‘ со калибар 9 мм Para, како и две рамки со 30 куршуми за истиот пиштол“велат од Обвинителството за случајот.
Откако е утврдено дека странскиот државјанин престојува во хостел во Скопје, јавен обвинител обезбеди наредба за претрес на неговата соба, каде е пронајдено поголемо количество оружје и муниција.
„Пронајден е уште еден пиштол ‘глок‘, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми во зипер-кеси, комплет за чистење оружје, три ножа, како и други предмети – фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, уесбе и хартиени документи“,информираат од Обвинителството.
За овие предмети е издадена наредба за вештачење.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор бидејќи постои реална опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и сведоците и да ги прикрива доказите, како и опасност да стори друго кривично дело.






