ОЈО контра МВР: На полицијата не и треба налог од обвинител за да влезе на семејни прослави

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев по опомените и укажувањата кои ги доби од надлежните дека полицијата не реагирала кога во период на ковид-19 се одржувале свадби, прослави, семејни слави, како и мекици со по 200 гости, изјави дека за тоа на МВР му требало налог од Обвинителството.

Од ОЈО Скопје се децидни, ниту според Законот за полиција ниту според Законот за кривична постапка за тоа не е потребен налог од јавен обвинител.

 

 

Во врска со законските надлежности за постапување за влез на некоја семејна прослава во услови кога истите се забранети Ве известуваме за следното: Согласно член 5 став 1 алинеја 3 од Законот за полиција, во полициски работи се подразбираат дејствијата на полициските службеници кои што се однесуваат на – спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела. Според член 28 став 1, во полициски овластувања утврдени со Законот за полиција спаѓаат и: согласно точка  1 – проверка и утврдување на идентитетот на лица и предмети, согласно точка  13 – влегување во туѓ дом и други затворени простории- стои во одговорот на ОЈО за МКД.мк.

Од оваа институција се повикуваат на член 38 од Законот за полиција каде детално е регулирано полициското овластување за проверка и утврдување на идентитетот на лица и предмети, па според став 1 точка 3 „проверката на идентитетот на лице ќе се примени кон лицето над кое се извршува преглед или претрес или се преземаат други со закон утврдени мерки и активности“.

„Според точка 4, пак, „проверката на идентитетот на лице ќе се примени кон лицето кое е затечено во туѓ дом, објект и други простории или во превозни средства над кои се извршува преглед или претрес, ако проверката на идентитетот е потребна“, според точка 7 кон лице „кое со своето однесување предизвикува сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок или дека има намера да стори такви дела“, а според точка 8 и кон лице „кое ќе се затекне на местото на извршено кривично дело или прекршок“.

Според член 60-а став 1 од Законот за полиција, полицискиот службеник може да влезе во туѓ дом и други затворени простории без писмена наредба и да изврши преглед на домот и просторот поврзан со домот ако тоа е потребно заради отстранување на сериозна опасност по животот и здравјето на луѓето (согласно алинеја 2),поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност (согласно алинеја 6) на место каде што е извршено кривично дело заради вршење увид (согласно алинеја 7)“, дополнуваат од Обвинителството.

Од ОЈО Скопје велат дека за да постапува обвинителството, потребно е да ги има основните податоци во поглед на лицата кои го организирале и присуствувале на настанот.

Воедно, од таму нагласуваат дека кривична пријава или известување до Обвинителството може да поднесе секоја надлежна институција, врз основа на податоците кои се однесуваат на определен кривично-правен настан во рамките на надлежностите на тие институции.

Министерот Наќе Чулев по бројните реакции и укажувања на надлежните дека МВР не постапило согласно препораките да не се дозволува групирање во услови на пандемија и да казнува доколку граѓаните не ги почитуваат мерките, прстот го впери во Обвинителството и вели дека не може да влегува на семејни прослави без налог на обвинител.

-Кога се работи за семејни слави во домашни објекти, МВР не може да биде информирано и да влезе без налог од Основното јавно обвинителство- истакна министерот за внатрешни работи Чулев пред неколку дена.

Укажувања за тоа дека полицијата не треба да дозволи групирање и непочитување на мерките имаше и од министерот за внатрешни работи, Венко Филипче кој постојано упатува апели до МВР да казнува, а до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19.

 

Back to top button
Close