ОЈО нареди вештачење на примероци од крв и урина на возачот што синоќа ја усмрти 24-годишната девојка кај „Сити мол“  

Од Обвинителството издадена е и наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот на местото каде што се случи несреќата

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Скопје синоќа изврши увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено, информираат од Обвинителството, при што откриваат детали за синоќешната несреќа во која животот го загуби 24-годишна девојка.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „ситроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на самото место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница.

Издадена е и наредба за вештачење на примероци на крв и урина на 22-годишниот возач.

„По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции – се вели во соопштението на ОЈО.

Од Обвинителството издадена е и наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот на местото каде што се случи несреќата.

Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување, информираат од ОЈО.

 

Back to top button
Close