ОЈО преку видеонадзорот во „Идризово“ и листинзите од телефоните ќе истражува дали затвореникот бил намерно пуштен

Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури и дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ „Идризово“-Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица, се наведува во соопштението од ОЈО Скопје

Оттаму информираат дека тројца од затворските полицајци, кои заедно со ранетиот колега го вршеле спроводот на осуденикот, како и нивниот сменски командир, се задржани во полициска станица, информираат од ОЈО Скопје

Дежурен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со бегството на осуденикот од комбе на затворот „Идризово“, во кое беше ранет припадник на затворската полиција издал наредби за обезбедување на снимки од видеонадзорот во Казнено поправната установа, листинзи од телефоните на службените лица за да се утврди дали постојат основи на сомнение за кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода.

 

 

Министерството за правда утрово преку писмено соопштение информираше дека синоќа во 23:20 часот, додека припадници на затворската полиција со службеното возило на КПУ „Идризово“ го спроведувале 36-годишниот затвореник со иницијали Б.М. од затворот во Ургентниот центар „Мајка Тереза“, заради укажување на лекарска помош поради повреда на десната рака, кај бензинската пумпа на „Лукоил“ на автопатот кон Скопје, биле пресретнати од возило марка „ауди“ со сива боја, кое им го блокирало патот.

Затвореникот во тој момент му го одзел пиштолот од футролата на затворскиот полицаец И.Х. кој го управувал комбето, пукал во него и го ранил во долниот дел на стомакот.

Возачот, поради повредата, го запрел возилото, а осуденикот се дал во бегство со „ауди-то“.

Ранет полицаец во филмско бегство на затвореник од комбе на „Идризово“

 

Од Обвинителството информираат дека по осуденикот се трага под сомнение дека сторил кривично дело обид за убиство на службено лице.

 

Во меѓувреме тројца од затворските полицајци, кои заедно со нивниот ранет колега го вршеле спроводот на осуденикот, како и нивниот сменски командир, се задржани во полициска станица.

 

„Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека другите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица. Дополнително уште неколку лица се повикани да дадат свој исказ во полициска станица за целосно испитување на настанот. Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело – противзаконито ослободување лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ ‘Идризово’-Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица. Од Управата за извршување санкции е побарано да изврши вонреден надзор врз почитувањето на затворските процедури“,

 

се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

За случајот, како што додаваат оттаму, е известен јавен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Управата за извршување на санкции ќе треба да одговори на прашањата што се наметнуваат во врска со филмското бегство на затвореникот, а се однесуваат на почитувањето на протоколите за спровод на осудено лице.

Она што дополнително им дава тежина на ваквите прашања е што станува збор за затвореник, кој издржувал затворска казна од 21 година, за убиство и за трговија со дрога.

Како се случило осуденикот да му го одземе пиштолот на затворскиот полицаец кој го управувал комбето на КПУ „Идризово“, дали седел до возачот?

Дали бил врзан, согласно протоколите, или рацете му биле слободни?

Дали станува збор за претходно добро организиран план за бегство, што според опишаните околности во соопштението од Министерството за правда наведува токму на вакво сценарио?

На овие прашања, но и на многу други, одговор се очекува да даде најавениот вонреден инспекциски надзор на Управата за извршување санкции на затворот „Идризово“.

За спроводот на избеганиот затвореник не била побарана полициска асистенција: Управата за извршување санкции ќе испитува пропусти во случајот

Она што досега е утврдено, а е дел од пропустите што треба да се испитуваат и за кои ќе се утврдува евентуална одговорност, е дека не била обезбедена полициска асистенција за спровод на осуденикот во болница.

„Управата за извршување санкции ќе направи вонреден надзор во КПУ ‘Идризово’ и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Воедно, ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите што довеле до ваква разврска на целиот настан“, велат од Министерството за правда.

Според Министерството, односно Управата за извршување санкции, затвореникот Б.М. бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Казната ја издржувал од 28 декември 2020 година, а му истекува на 17 април 2040 година.

Back to top button
Close