ОЈО Скопје ја завршило истрагата за случајот „Онкологија“, се чека одбраната да изврши увид и евентуално да достави свои докази
Скопското Основно јавно обвинителство ја завршило истрагата за предметот за злоупотреби со терапија на Клиниката за онкологија, но дали, кога и против кого ќе биде поднесено обвинение од Јавното обвинителство засега се воздржани во одговорот, појаснувајќи дека во тек е фазата од постапката во која течат роковите предвидени со Законот за кривична постапка.
За постетување, истрагата за случајот, кој во јавноста е познат како „Онкологија“, беше отворена пред повеќе од една година, односно на на 31 јануари 2024 г. За злоупотреби со онколошката терапија на Клиниката осомничени двајцата поранешни директори на оваа јавна здравствена установа, Нино Васев (медицински директор) и Нехат Нухи (ексорганизациски директор), како и тројца доктори онколози, кои, како што беше соопштено тогаш, се товарат за помагање.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал“, велат од Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.
Според телевизијата Телма, роковите од Законот за кривична постапка наведени во кусиот одговор од Обвинителството, се однесуваат на одбраната која треба да во рок од 15 дена да направи увид во доказите и евентуално да достави свои.
Од Обвинителството засега нема одговор и дали го добиле вештачењето од Словенија, каде на анализа беа пратени историите на 51 пациент кои се лекувале на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Инаку, на брифинг со новинарите во декември од Обвинителеството потврдија дека го добиле вештачењето од Србија, каде предмет на анализи беа болничките истории на 16 пациенти, а кои ги потврдиле сомнежите за несоодветно лекување.
Шефот на Основото јавно обвинителство Скопје, Гаврич Бубевски во телевизиско гостување на почетокот на месецов, рече дека во моментот нема потежок случај во Обвинителството од предметот „Онкологија“, затоа што многу судбини се во прашање.
„Обвинителството може и ќе ги казни сите оние што презеле дејствија што не смееле да ги преземат, во рамки на нивните овластувања, и како лекари и како директор. Потоа, што не направиле, а требало да направат и што направиле, а не смееле да направат. Во таа насока се и вештачењата, а детали од нив ќе бидат презентирани кога ќе имаме соодветен јавнообвинителски акт“, рече Бубевски на 4 февруари во интервју за ТВ Телма.
Во истрагата осомничени се двајцата поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Никола Нино Васев, ексмедициднски директор на Клиниката, и Нехат Нухи, поранешен организациски директор на Онкологија во периодот од октомври 2021 до април 2022 година.
Основаните сомневања за кои ги товареше Обвинителството во истрагата се однесуваа на два моменти – дека во нетранспарентни постапки, без објавување јавни огласи, за време на нивното директорување биле набавувани лекови на реверс. На овој начин се создавал вишок на лекови и терапии. Вториот момент е дека биле пропишувани повеќе лекови, односно била раздолжувана вишок терапија од тоа што требало да го примаат пациентите. Каде одел тој вишок, треба да биде познато откако Обвинителството ќе објави детали за завршувањето на постапката и при евентуалното покренување обвинение.
Обвинителката во Основното јавно обвинителство Скопје, Ана Гоговска-Јакимовска која го води случајот во интервју за емисијата „Код“, емитувано на 12 февруари лани, говорејќи за предметот рече дека во доказите кои Обвинителството ги прибавило и анализирало во предистражната постапка, не упатуваат упатуваат на директна злоупотреба на пациентите, во смисла дека им биле кратени лекови и терапии.