ОЈО Тетово отвори истрага и бара притвор за тетовецот што си го уби синот

За случајот синоќа информираа и од МВР, од каде што, пак, соопштија дека синот бил најден со прострелна рана во главата откако помеѓу него и таткото имало физичка пресметка

Шеесет и петгодишен тетовец е осомничен за убиството на својот 39-годишен син чие безживотно тело со прострелна рана вчера доцна попладне беше пронајдено во станот каде што живееле заедно.

Републичкото јавно обвинителство попладнево соопшти дека Основното јавно обвинителство во Тетово донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кого постојат основани сомневања дека со умисла го лишил од живот својот син.

Тој, како што се наведува, се товари за кривичното дело убиство според член 123, став 2, точка 2 од Кривичниот законик, односно убиство при вршење семејно насилство, за кое е предвидена казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Според Обвинителството, осомничениот го застрелал и го усмртил сина си со истрел од ловна пушка по кратка меѓусебна расправија.

„При семејно насилство и по кратка меѓусебна расправија, осомничениот со истрел од ловна пушка, која ја поседувал со дозвола, со умисла го лишил од живот сопствениот 39-годишен син, со кого живееле во истиот стан“,се вели во соопштението од Обвинителството.

Според истрагата на Обвинителството, куршумот го погодил синот во градниот кош и тој веднаш починал, а осомничениот останал да седи во станот со безживотното тело додека не биле пронајдени. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

За случајот синоќа информираа од МВР, од каде што наведоа дека 39-годишниот С.Н. бил пронајден без знаци на живот во 18:50 часот во својот дом во Тетово, каде што живеел со татка си.

Според информацијата на МВР, синот бил најден со прострелна рана во главата. Од Министерството, исто така, наведоа дека пред убиството меѓу таткото и синот имало физичка пресметка.

„Денеска (02.01.2025) околу 18.50 часот во Тетово, во неговиот дом бил пронајден С.Н.(39) без знаци на живот, со прострелна рана во главата. С.Н. живеел со неговиот татко, кој бил пронајден во бессознание и од Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар Тетово. Во просторијата каде бил пронајден С.Н., пронајдена е ловечка пушка. По преземени мерки и активности за расчистување на случајот, во координација со јавен обвинител, утврдено е дека се работи за кривично дело “убиство” сторено на 31.12.2024, каде по претходна физичка пресметка, М.Н. (65) со ловечка пушка го усмртил неговиот син С.Н.. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“се вели во вчерашната информација од Министерството за внатрешни работи.

Back to top button
Close