ЈО поднесе обвиненија против 12 лица за инцидентите на протестите против францускиот предлог

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената претходна постапка, денеска до надлежниот Суд поднесе обвинителни предлози против вкупно 12 лица за учество во инцидентите за време на протестите во Скопје против францускиот предлог за отпочнување преговори со Европската унија, од кои девет се обвинети за кривично дело „учество во толпа“, а три лица се гонат за „предизвикување општа опасност“.

За седум од обвинетите, Судот во текот на претходна постапка определи мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор. Со цел да се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката, надлежните јавни обвинители денеска до Судот доставија и предлози за продолжување на вака определените мерки.​

Како што информира ЈО, за време на јавен собир на граѓани, на 5 и 6 јули, деветмина обвинети учествувале во толпата што изврши кривично дело „насилство“ пред Собранието на Република Северна Македонија.

– Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576.665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило „Шкода Јети“, соопшти ЈО.

Обвинителен предлог е поднесен и против двајца скопјани, на возраст од 18 и 26 години, кои, посочуваат од ЈО, со општо опасно дејствие предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани поголем број луѓе.

– Едниот обвинет подготвил „молотов коктел“, ставајќи бензин и парче ткаенина во стаклено шише, по што општо опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон поставениот кордон од полициски службеници, прецизира ЈО.

За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето.

– За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух, посочуваат од ЈО.

Back to top button
Close