ЈО: Полицијата го бара возачот кој во Велес усмрти девојче и тешко ја повреди нејзината мајка и побегна од местото на несреќата

Јавен обвинител од ОЈО Велес ноќеска изврши увид на местото на сообраќајна несреќа на улицата „Борис Трајковски” во Велес. Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил кој се движел со голема брзина, на пешачки премин удрил во две лица – мајка и ќерка кои се наоѓале на крајот од преминот за да се качат на тротоар. Единаесетгодишното девојче починало на местото на несреќата, додека мајката се здобила со тешка телесна повреда. Полицијата трага по возачот.

Како што се наведува во соопштението, од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главинов” и од здобиените повреди починало.

Возачот кој што ја предизвикал сообраќајната несреќа воопшто не запрел, туку со голема брзина го напуштил местото на настанот.

Дежурниот јавен обвинител и полициски службеници од СВР Велес извршија увид на местото, подигнаа траги и разговараа со очевидци на настанот, а веднаш е издадена и наредба за обдукција на телото на починатото девојче. По добиени сознанија за возилото и возачот – причинител на сообраќајната несреќа, СВР Велес по насоки на јавниот обвинител презема мерки за негово пронаоѓање, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Back to top button
Close