Објаснување на Град Скопје за годнишниот план за вработувања

Скопје, 24 август 2020

РЕАКЦИЈА

Во врска со објавите во некои медиуми во кои се тврди дека „Град Скопје годинава ќе вработи 91 лице, а за догодина се планираат 94 нови вработувања од кои 30 ќе бидат пожарникари, а 64 административци. Ова се предвидува со годишниот план за вработување за 2021 година, кој треба да го усвои Советот на Град Скопје на седницата в среда“, Градот Скопје сака да и објасни на јавноста дека план за вработување Градот Скопје е должен да донесе секоја година, за да може да се вработуваат кадри ако за тоа се јави потреба, но, тоа не значи дека донесениот план ќе се реализира во целост. Односно, не значи дека ќе се реализираат сите вработувања, туку во пракса се реализираат многу мал процент од предвидените вработувања.

Имено, Градот Скопје, како и другите институции во нашата земја, секоја година усвојуваат годишен план за вработувања, по барање на Министерството за информатичко општество и администрација. Тој план овозможува да се реализираат вработувања во институцијата, доколку има потреба за тоа. Треба да се нагласи дека годишниот план за вработувања е само рамка и не значи дека треба да се исполни во целост.

Сакаме да нагласиме дека од почетокот на оваа 2020 година во Градот Скопје се вработени 15 лица. Дури и ако претпоставиме дека во текот на оваа година во Градот Скопје ќе се вработи 91 лице, тоа е невозможно да се реализира поради времетраењето на потребните процедури за вработување и поради пандемијата од коронавирусот.

Со почит,

Град Скопје

 

Back to top button
Close