Објава преку стара фотографија погрешно тврди дека Груби се крие во Албанија
Нема докази дека Груби е во Албанија и дека албанскиот премиер Еди Рама го крие, иако објавата сака да го прикаже токму тоа, објавувајќи сечена и стара фотографија од нив двајца, нагласувајќи дека е тазе. Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“, нема албанско државјанство, изјави за БИРН, Арта Сакја, советникот за медиуми на албанскиот претседател, пренесе „Призма“. Македонските органи на прогонот сè уште не знаат каде е поранешниот вицепремиер, па оттука не може ниту објавата да тврди нешто за што нема цврсти докази
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Мафијашите од регионот!…
На фотографијата се гледаат албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот македонски вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, кој е во бегство.
На фотографијата пишува:
Тазе фотка од Еди Рама и Артан Глупи во Тирана.
На фотографијата нема датум, ниту е објаснето кога и како е направена, па делува како навистина да е тазе.
Груби, кој се гони за финансиски малверзации во „Државна лотарија“, е во бегство од декември минатата година.
На 17 декември, Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, а следниот ден и Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по него.
По ова, се појавија шпекулации дека Груби побегнал во Албанија, но официјална потврда за тоа нема.
Објавувајќи фотографија на која Груби седи со албанскиот премиер и притоа не посочувајќи кога и каде е направена фотографијата, објавата ги подгрева шпекулациите дека тој е во Албанија, без притоа да понуди никакви цврсти докази.
Имајќи предвид дека на фотографијата пишува дека е тазе, тоа ги уверило следбениците на Фејсбук дека Груби навистина е во Албанија и дека Рама го крие, што може да се види од коментарите под објавата.
Но, фотографијата не е тазе, како што тоа сака да го прикаже објавата. Нашата проверка покажа дека таа е од јуни 2022 година, а на неа, освен Груби и Рама, го има и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Фотографијата на Фејсбук ја објавил лично Груби.
Нема докази дека Груби е во Албанија и дека албанскиот премиер Еди Рама го крие, иако објавата сака да го прикаже токму тоа, објавувајќи сечена и стара фотографија, нагласувајќи дека е тазе. Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“, нема албанско државјанство, изјави за БИРН, Арта Сакја, советникот за медиуми на албанскиот претседател, пренесе „Призма“. Македонските органи на прогонот сè уште не знаат каде е поранешниот вицепремиер, па оттука не може ниту објавата да тврди нешто за што нема цврсти докази.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.