Објавен огласот за автобуските линии 20 и 22. Од Слобода превоз и Макекспрес немаат право да се пријават

Град Скопје денеска го објави огласот за избор на приватни превозници за линиите 20 и 22. Како што стои во огласот, за линијата 20 потребни се десет автобуси и 23 возачи, а за линијата 22 десет автобуси и 21 возач.

На огласот може да конкурираат правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите. Не може да конкурираат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ затоа што Градот им ги раскина договорите. Превозниците можат да конкурираат до 9 јануари, а отворањето на понудите и нивното оценување ќе биде на 16 јануари, што значи дека дури од февруари ќе има повеќе автобуси на линиите 20 и 22.

Во огласот нема нови услови односно тој е речиси идентичен со оној од пред една година, кога Арсовска потпиша договори за две години со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

„Понудите ќе се оценуваат според возен парк, човечки ресурси, техничка логистика, искуство во вршење на општински линиски превоз на патници“, стои во огласот објавен на страната на Град Скопје.

Back to top button
Close