Објавен романот „Витезот и Византијката“ од Кица Колбе

Во издание на издавачката куќа Или-Или објавен е романот „Витезот и Византијаката“ од Кица Колбе.

– Нејзиниот последен роман „Витезот и Византијката“, покрај мноштвото наративни слоеви и значења, симболично ја прикажува и отуѓеноста, не-дијалогот и недоразбирањата, меѓу двата дела на Европа – Западот и Балканот. Преку ликовите во романот, автентично и живо прикажани во нивната физичка , духовна и душевна структура, авторката пишува маестрална приказна за животот на поединци кои потекнуваат од мултикултурни средини обележани со стеретипизација токму поради другоста што ја отелетворуваат, посочуваат од „Или-Или“.

Романот преку реминисценции и враќања во времето ги следи настаните и чувствата на група млади интелектуалци преиспитувајќи ги феномените на минатото и сегашноста, на знаењето и љубовта, на срцето и разумот како и на екстремното и идеализирано и на Балканот и во Европа.

– Кица Колбе како ретко кој писател/интелектуалец ја следи хуманистичката и историската парадигма во својата наративна поетика занимавајќи се со широк спектар на теми и мотиви од македонски, но и од европски и од универзален карактер. Секое ново дело на Кица Колбе, без разлика дали станува збор за роман, студија или колумна, се чита со огромен интерес и љубопитност бидејќи Кица Колбе е авторка која има што да каже, а тоа го прави на извонреден, сериозен, продлабочен и современ начин, вели Лидија Димковска.

Кица Колбе (1951) студирала  филозофија  на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала  на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Нејзини дела се: Егејци (1990), Снегот во Казабланка(2005) добитник е на наградата „Роман на годината 2006“, Жените Гаврилови (2008) номиниран за наградата „Балканика“, Река  во наследство, (2009), Земја на бегалци (2018).

„Витезот и Византијаката“ е 189 издание во едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.

Back to top button
Close