Објавен романот за тинејџери „Прегрни ме цврсто“ од шпанскиот авторски пар Лоф Ју  

 

Издавачката куќа Готен го објави романот за тинејџери „Прегрни ме цврсто“ од шпанскиот авторски пар Лоф Ју. Преводот од шпански јазик е на Марија Саревска-Тодоровска.

Романот „Прегрни ме цврсто“ е роман за тинејџери во кој преку потрагата за љубов на неколку млади луѓе се открива светот на тинејџерите исполнет со многу емоции, страсти, но и наивност и незнаење за животот.

Лоф Ју е псевдоним на двајца млади автори од Шпанија: Адриа Фонт и Инма Суст. Адриа Фонт е актер и драматург, додека Инма Суст е новинарка. И двајцата го користат псевдонимот кој го има призвукот на најомилената синтагма во светот „те сакам“.

Оваа ведра љубовна приказна се случува меѓу тинејџери и користи слична матрица на познатите тинејџерски серии и филмови, но разликата во „Прегрни ме цврсто“ е во тоа што авторите ставаат силен акцент на јазикот во романот, ликовите се комплексно доловени, а разврската на книгата е необична.

Романот „Прегрни ме цврсто“ е посветен на флуидната љубов, онаа која во својот предзнак ја љубовта, но истовремено говори и за насилната страст, за недоличноста во изразувањето на љубовта, за непочитувањето кога станува збор за емотивниот комплекс на другиот. Автори низ приказната опфаќаат добар дел од љубовни констелации во кои се наоѓаат денешните тинејџери.

Лоф Ју мајсторски раскажувајќи ја оваа приказна градат и извонредна галерија на различни прототипови, а љубовта ја прикажуваат во нејзините различни форми. Приказната тече со многу динамично темпо отворајќи низа дилеми, прашања и нејаснотии поврзани со емотивниот живот на младите луѓе, но сижето на романот и ликовите и читателите можат да добијат многу одговори за прашањата што ги имаат во врска со младешката љубов.

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“  во Скопје.

Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Владислав Бајац.

Ги има добиено наградите „Златно перо“,  „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува  Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

 

Back to top button
Close