Објавена е „Македонски еротски фолклор“ на Ана Мартиноска

Неодамна, во издание на Книгоиздателството Ми-Ан излезе од печат изборот од македонската народна еротика „(И)стории од долапот“. Изборот и предговорот се на Ана Мартиноска.

Во книгата се презентирани македонски еротски приказни, песни, гатанки и пословици. Треба да се одбележи и исцрпниот предговор на проф. д-р Ана Мартиноска. Книгата е значаен придонес во македонската фолклористика и претставува осветлување на овој не многу истражуван феномен од народната традиција.

„При составувањето на оваа антологија, како и на претходната, при изборот на материјалите се водев од неколку принципи, и тоа од историскиот, што го прикажува постоењето на еротскиот фолклор од дамнешни времиња кога не секогаш бил дел од официјалната народна култура, па сѐ до некои посовремени форми, а уште повеќе од жанровиот принцип што го докажува присуство на еротски форми во сите жанрови на македонското народно творештво, почнувајќи од приказните и анегдотите, преку поезијата, па сѐ до не-кои од кусите фолклорни жанрови. Во секоја жанровска категорија умотворбите се подредени по азбучен ред. Тие се преземени од по-веќе извори и собирачи, од различни временски позиции и од по-веќе краеви во Македонија, од Прилеп, Охрид и Кочани, па сѐ до Струмица и Злетово.“ – вели Ана Мартиноска.

Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка и научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Од 1996 год. д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на работното место научна советничка/редовна професорка. Во моментов е Претседателка е на Научниот совет на Институтот за македонска литература во втор мандат. Предава на постдипломските и докторските културолошки студии во книжевноста при матичната институција. Учествувала со самостојни прилози во бројни национални и меѓународни научно-истражувачки проекти, како и на голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.

Ко-уредник е на Зборниците: „Популарна култура-Поглед одозола/Popular Culture: Reading from Below“ (2016) и „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“ (2019) заедно со Маја Јакимовска-Тошиќ. Има објавено и стотина самостојни научни трудови во стручната и научна периодична литература во земјата и во странство, како и над двесте колумни на културолошки и родови теми.

Мартиноска била главна и одговорна уредничка на Институтското списание за литературна наука „Спектар“ (2013-14). Била членка на редакцијата на електронското списание „Блесок“ (2012-18).

Членка е на Друштвото на писатели на Македонија, Здружението за компаративна книжевност на Македонија и на Меѓународната асоцијација за компаративна литература.

Back to top button
Close