Објавена книгата „30 современи грчки автори“

Деновиве од печат излезе поетската книга „30 современи грчки автори“. Се работи за превод на 30 песни од автори од Грција, во избор издавачката куќа „Вакхикон“. Според зборовите на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос, ова е збирка што ќе ја долови богатата поетска продукција, но и ќе ги прикаже трендовите на поетската сцена во Грција.

Препевот на книгата е на Петар Андоновски.

За книгата, уредникот на Прозарт медиа, Дејан Трајкоски, ќе напише:

-Книгата „30 современи грчки автори“ е место каде што се нанижани звуци и тишини, врската помеѓу тајната и времето и фактот дека луѓето насекаде се сакаат и мразат на ист начин. Прочитајте 30 грчки поети, сите објавени од реномираниот издавач „Вакхикон“, како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата. При потрагата по пукнатина од која ќе блесне светлината, по неба отворени за вистини што се осмелуваат да измислат сопствено време и дваесет и петти час за поезија, ова е книга што ќе ви го најде морето во кое ќе се згреете.

Книгата е објавена со помош на амбасадата на Грција во Скопје и на издавачката куќа „Вакхикон“.

Back to top button
Close