Објавена сликовницата „Јоел и Ио; љубовна приказна“ на македонски јазик

Издавачката куќа Готен ја објави сликовницата „Јоел и Ио; љубовна приказна“ од Геир Гуликсен и Ана Фиске (илустрации) на македонски јазик.

Станува збор за сликовница, во која авторот на нетипичен начин зборува за стравовите од непризнавањето и неприфаќањето во училишната средина, за несигурноста што многу често децата ја чувствуваат во училишната средина, за чудното однесување кога родителите претерано заштитнички се однесуваат кон своите деца.

Независно од сите овие аспекти, „Јоел и Ио; љубовна приказна“ е сликовница во која за сите овие важни и понекогаш болни теми се проговорува на едноставен начин – преку приказна и сугестивни илустрации.

Геир Гуликсен како припадник на современата норвешка литература за деца и младинци го следи трендот на занимавање со теми кои излегуваат од воспоставените рамки и храбро ја третира реалноста на современото живеење.

Преводот од норвешки јазик е на Искра Бадева.

Искра Бадева е родена 1980 година во Скопје. Како вљубеник во културата и литературата на Северот ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје.

Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и фински јазик.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Back to top button
Close