„Обединета“ ЕУ и уцени со вето

Сите членки на ЕУ ја оправдуваат уцената од Бугарија кон Македонија со историја. Иако оваа изјава на македонскиот премиер Ковачевски се чини е претерана, со оглед на фактот дека некои ЕУ-членки во повеќе наврати ја критикуваа Софија и бараа деблокирање на евроинтеграциите за Македонија, сепак во извесна смисла го одразува расположението и ставовите меѓу мнозинството македонски граѓани.

Цели генерации Македонци го почувствуваа постепеното „ладење“ на големиот ентузијам кон Европа по осамостојувањето на државата, соочувајќи се и соживувајќи се со „рециклирање“ на историските фрустрации, и со чувството на немоќ, предизвикано од децениските изнудени преговори со соседите за меѓународно признавање и „корегирање“ на сопствениот национален идентитет, јазик и историја.

Правото на самоопределување се смета за императивен правен принцип во современото меѓународно право. Но Грција и Бугарија, со грубо посегнување кон вето и наметнување уцени кон својот сосед, јасно покажаа дека таквиот важен принцип едноставно може да се негира и релативизира со методи на притисок и уцени, без притоа да се сносат посериозни последици. Токму напротив, понижувањата на соседната држава во Атина и Софија се прогласуваат за сопствена голема победа.

За Македонија не претставува никаков проблем да се препознае во неодамна актуелизираното барање за укинување на системот што дозволува една земја-членка на ЕУ, користејќи го правото на вето во надворешната политика, да ги блокира останатите 26 членки. Грција и Бугарија веќе не оставија ни трошка дилема дека тоа право може совршено добро да се користи за заштита на сопствените, според многу нешта апсурдни и ирационални барања за ревизија на историјата.

Во секој случај, предлогот за укинување на правото на вето неодамна наиде на остро спротивставување од страна на дванаесет ЕУ-членки, меѓу кои и Бугарија, (како еден од моментно најактивните поддржувачи на политиката на уцени и вета во меѓународните односи), при што беше истакнато дека не треба да се поддржат „непромислени и избрзани обиди за започнување на процес на промена на ЕУ Договорот“.

Но има и членки, кои, како што веднаш беше оценето, се претпазливо позитивни. Со такви зборови се опишува расположението што е присутно во шест ЕУ-членки во однос на предлозите за промени на Договорот (уставот) на Унијата. Германија, Белгија, Италија, Франција, Холандија и Шпанија во заедничко писмо нагласуваат дека принципиелно ги прифаќаат препораките за спроведување темелни реформи за натамошно демократизирање на ЕУ, вклучувајќи го и правото на одделни земји со вето да ги блокираат заедничките европски надворешно-политички прашања.

Нема никакво сомневање дека токму правото на вето мошне често ја парализира подготвеноста на ЕУ за дејствување и на таков начин ја држи како заложник поради одделни национални интереси. Пред само неколку месеци насекаде во Европа можеше да се слушне дека ЕУ е соочува со мошне сериозни безбедносно-политички состојби и дека затоа мора да стои „силна и обединета“. Тоа, се разбира, звучи добро. Но проблемот е всушност во тоа што „силна“ и „обединета“ одвај може да се комбинираат со начинот на кој ЕУ ја манифестира својата готовност за акција. Секоја од 27-те членки љубоморно го чува своето право на вето во однос на секоја поважна одлука на меѓународен план. Со таков заеднички именител (читај: црвен картон) е тешко да се управува гломазен систем каков што е ЕУ, бидејќи станува тромав и спор. Неефикасен.

Земји кои најчесто ја ставаат целата ЕУ во позиција на заложник се Грција и Кипар, како и Унгарија, а во последно време во таа улога се „прослави“ и Бугарија. Кога една ЕУ-членка посегнува по вето во меѓународната политика, тоа најчесто се случува со цел да ги принуди најмоќните членки да ги признаат токму нејзините стратегиски интереси. Пред нешто повеќе од година дена Кипар, кој инаку ретко се споменува во меѓународно-политичките односи, стави вето на плановите на ЕУ да воведе санкции против Белорусија. Но самиот Кипар во тој период беше соочен со сопствена криза. Турција вршеше тестирање на проток на гас во бушотини во кипарски води, при што Кипар бараше најмоќните ЕУ-членки да извршат притисок на Турција, а во таков случај Кипар би го тргнал ветото и би ѝ дозволил на ЕУ да го казни Лукашенко.

Но лошите искуства оставаат длабоки траги. Можеби не е чудно, иако е секако преемотивно, реагирањето на многумина македонски граѓани кои на социјалните мрежи изразуваат поддршка и разбирање за одлуката на турскиот претседател Ердоган да го блокира членството на Шведска и Финска во НАТО. „Да почувствувате и вие сега, на ваша кожа, како тоа изгледа“. Но, за волја на вистината, Шведска е една од оние земји кои принципиелно застанаа против блокирањето на македонското доближување кон ЕУ од страна на Бугарија. Воспалените емоции мошне малку зборуваат за вистинската суштина на одделни прашања во меѓународните односи.

Правото на вето, посебно кога се користи, односно злоупотребува, за понижување, заплашување и вршење непринципиелни притисоци, веќе подолго време предизвикува иритираност. Дебатата околу негово укинување сигурно ќе се засили во наредниот период. Ќе продолжат и заложбите за јакнење на европскиот суверенитет. Но за тоа да биде можно, извесни жртви сепак ќе мора да бидат направени токму на штета на националниот суверенитет. Со фрлање на „црвениот картон“ во корпа за отпадоци.

 

 

Back to top button
Close