Обединување под нови постулати

Во мојата колумна од 19 февруари оваа година насловена „Изборите и идеалната држава“, објавена пред ескалацијата на состојбата со пандемијата, предвидов дека излезноста на овие избори ќе биде мала. Тоа мое тврдење го темелев на фактот дека поларизацијата и нетрпеливоста  ќе кулминира помеѓу двата блока и со тоа ќе ги одврати од гласање оние кои не припаѓаат на ниту еден политички блок. Беше јасно, а тоа и се покажа на овие избори дека на луѓето им е преку глава од партиите и од нивната жед за власт, крв и моќ. Слабата привлечност на политичките елити го испорача цехот. Кампањата изобилуваше со негативна реторика, навреди и закани, па ветувањата за подобар животен стандард останаа само блед шум задушен од неартикулираните вресоци на партиските гласноговорници.

Искуството во политиката ми покажало дека негативната кампања не води кон победа. Води кон одвраќање на гласачите да гласаат, води кон апатија и разочараност. На избори се победува со генерално позитивен наратив, визија, проекти и потсетување за реализираните проекти. Точно е дека секогаш имало и ќе има негативна кампања, но таа никако не смее да доминира. На овие избори за жал тоа не беше случај. Негативната кампања одврати многу гласачи. „Бомбите“ со кои се гаѓаа политичките противници одвратија од гласање многу луѓе кои се мислеа да гласаат за една или друга политичка опција.

Меѓусебните навреди и ниското ниво на политичка толеранција зачинето со говорот на омраза предизвикаа чувство на горчина и одбивност кај електоратот. Кога на сето ова ќе ја додадеме и состојбата со пандемијата и крајно застрашувачкиот дневен здравствен билтен на новозаболени и починати доведе до тоа и двете партии да потфрлат на изборите. Состојбата со пандемијата ја ставам последна во низата бидејќи сметам дека и во условно речено мирнодопски услови поради причините кои ги наведов излезноста повторно ќе беше ниска.

Политичарите треба да бидат прогресивната елита во државата, но за жал кај нас меѓусебно се третираат како излитени мифки. И нормално е, потоа и народот така да ги третира. Затоа на овие избори се повтори истиот оној шамар кој народот го удри на двете политички партии за време на првиот круг на претседателските избори. Сега имаме два шамара во низа после кои доколку политичките елити не се отрезнат, може да следат тектонски поместувања и експериментирања на македонската политичка сцена.

Ако треба накратко да објаснам што се случи би го рекол следново: На овие избори не победи СДСМ  туку ВМРО-ДПМНЕ загуби. Победи единствено ДУИ. Како победи и зошто е друго прашање и тема која заслужува сериозно да си го ставиме прстот на челото.

За жал и на разочарување на сите нас кои долги години сме искрени членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, морам да констатирам дека не успеавме да го победиме СДСМ и покрај фактот што имаше многу причини тоа да се случи. Изгубивме. И што порано го прифатиме овој факт, тоа подобро и за ВМРО-ДПМНЕ и за државата. Причините може и треба да ги анализираме, објективно и трезвено, но она што мораме да го направиме е да не дозволиме да се подели ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа на никому од нас нема да му одговара. Тоа можеби ќе му оди во прилог на СДСМ, но и ним единствено на краток рок бидејќи не може да зборуваме за квалитетна власт без квалитетна опозиција. Поделени и раскарани ќе губиме повторно, и повторно. Тоа е рецептот за неуспех и тоа долго време ќе ја држи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а СДСМ ќе победува со исклучително недоволни и неубедливи триста два триесет илјади гласови. Апатијата ќе остане на високо ниво. Морам да констатирам дека ако имаше подобра понуда и ако гласачите ја сметаа ВМРО-ДПМНЕ за добра алтернатива, денес ќе славевме победа, прва после неколку изборни порази во низа. Тоа е реалноста. Не смееме од оваа констатација да правиме сцена. Ова не е напад на ВМРО-ДПМНЕ, напротив ова е обид за спас. Капсулирањето на ВМРО-ДПМНЕ само ќе придонесе за нов пораз. Неприфаќањето на мултиетничноста на државата како реалност исто така.

Не ми е поентата да критикувам, уште помалку да се ситам на поразот. Тоа не е добро и е спротивно на моите принципи и идеали. Она на што сакам искрено да повикам е единство. Потребно ни е обединување. Ни треба силна, прогресивна, европска, централно- десна народна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост. Поставена на модерни постулати на умерен патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам и популизам. Ни треба ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да го победи СДСМ.

Евоцирајќи спомени од минатото целава ситуација ме потсети на изборите во 2016 година, Груевски беше претседател, а јас бев шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, па додека ги чекавме изборните резултати, кои беа тесни како и овие, знаевме дека и еден глас да загубиме, и еден пратеник помалку да имаме и тој и јас ќе си поднесевме оставка како врвен демократски чин. Ама сепак, тогаш победивме со 454.577 гласови.

Никола Тодоров
извор: ДВ

Back to top button
Close